АНКАРА (АА) - Со преминувањето на претседателски систем, Бинали Јилдирим стана последен премиер на Турција. Турција на претседателскиот систем на владеење ќе премине со свечената заклетва на претседателот на државата, на 9 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Преминот од парламентарен на претседателски систем беше одобрен на минатогодишниот референдум, а турскиот Парламент, или Големото национално собрание на Турција, ги усвои уставните реформи, во согласност со кои се одржани и неодамнешните претседателски и парламентарни избори.
Врз основа на реформите, турскиот претседател ќе добие широка извршна власт, а законодавството и понатаму ќе биде концентрирано во Парламентот. Со префрлувањето на претседателски систем, во Турција ќе биде укината функцијата премиер, а претседателот ќе именува потпретседатели и министри во идната влада.

На позицијата „транспорт, поморство и комуникации“, Јилдирим остави свој белег на истакнати турски проекти и го доби името „архитект на мегапроекти“, а 11 години ја извршуваше функцијата министер за транспорт. Така стана министер со најдолг мандат во Министерството на Турција.
За време на неговиот мандат, од десет проекти во светот, шест беа реализирани во Турција. Третиот аеродром во Истанбул, мостот „Јавуз Султан Селим“, мостот „Oсмангази“, евроазискиот тунел Мармарај, автопатот Истанбул - Измир, се само неколку од многуте проекти реализирани во времето на мандатот на Јилдирим.
Присуствуваше на бројни свечени отворања на проекти, меѓу кои е и минатогодишната церемонија во Чанаккале. Темелите на мостот „Чанакале 1915“ и патот Maлкара - Чанаккале, поставени се на 18 март 2017 година.
Оваа година, тој присуствуваше на отворањето на тунелот Шабунчубели Ферхат, но исто така и на поставувањето на темелите на аеродромот „Ѓумушане-Бајбурт“.
Јилдирим, кој е често насмеан и во добро расположение, со игра на зборови испраќаше важни пораки. Сепак, кога стануваше збор за прашања од витално значење за Република Турција, остануваше решителен и смирен.
Извесен период беше главен советник на претседателот на Република Турција, а функцијата претседател на Партијата на правдата и развојот (АК), ја извршуваше една година.
За време на неговиот мандат како премиер, на 15 јули 2016 година, членовите на терористичката организација ФЕТО се обидоа да извршат воен удар во Турција. Јилдирим од првиот момент се спротивстави на пучистите и побара да се овозможи спроведување на волјата на народот.
Тогаш, една од првите изјави која ги стабилизира граѓаните дојдоа токму од Јилдирим, кој рече дека оние кои го извршија ова, ќе платат висока цена.
Остана запаметен и по неговиот коментар дека „моќта на нацијата ја победи силата на тенковите“.
За време на неговиот мандат како премиер, во април 2017 година имаше референдум за пакетот уставни измени на префрлување на претседателски систем, а потоа офанзивата „Штитот на Еуфрат“ и операцијата „Маслинова гранка“, кои се најголемите прекугранични операции во историјата на Републиката.
Во последните две години тој патуваше низ цела Турција, а неколку провинции ги посети повеќе пати. Тој, исто така престојуваше и надвор од земјата.
Посети 15 земји и стана првиот турски премиер кој го посети Виетнам.
Во Турција приреди прием за британската премиерка Тереза Меј, германската канцеларка Ангела Меркел, како и за колегите од Бугарија, Пакистан, Украина, Јордан.
Оваа година тој ги посети Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Монголија, Авганистан, Германија и Шпанија.
Токму времето кога тој беше премиер ќе биде запаметено како највпечатливите две години во историјата на Републиката.
Кој е Бинали Јилдирим?
Јилдирим е роден на 20 декември 1955 година во селото Каи во Ерзинчан. Тој е второ од седумте деца. За периодот од своето детство, откри дека често лежел во ливадата и ги гледал авионите како летаат, фантазирајќи за нив и прашувајќи се дали и тој некогаш ќе го доживее чувството на летање, а на крајот стана шеф на секторот.
По основното образование во неговиот роден град, Јилдирим средното образование го продолжи во Истанбул, каде што подоцна дипломира на Факултетот за поморство и бродоградба на Техничкиот универзитет во Истанбул. По постдипломските студии, образованието го продолжи и на Универзитетот за поморство, кој под покровителство на Меѓународната поморска организација (IMO) работи во Шведска.
Со сопругата Семиха е во брак од 1975 година и има три деца.
Првите искуства во јавниот сектор, во периодот од 1978 до 1993 година, ги стекна на неколку раководни позиции во Управата за поморска индустрија и бродоградилиште на Турција. Во овој период тој се сретна со младиот политичар, Реџеп Таип Ердоган, кој подоцна стана градоначалник на Истанбул и Јилдирим го именуваше за директор на градската администрација на ИДО, одговорен за управување со бротскиот превоз.
Јилдирим, заедно со Ердоган беше вклучен во формирањето на партијата АК и на парламентарните избори на 3 ноември 2002 година беше избран за член во турскиот Парламент. Набргу потоа беше избран за министер за транспорт.
На изборите на 7 јуни 2015 година, партијата АК не доби мнозинство во Собранието, кое беше потребно да формира влада. Турските граѓани повторно се изјаснија на 1 ноември, кога партијата доби 317 пратеници.
По изборите на 1 ноември Јилдирим беше назначен на позицијата министер за транспорт, поморство и комуникации.
На Вториот вонреден конгрес на АК партијата, беше избран за претседател, и таа функција ја извршуваше една година. Него на таа позиција на 21 мај 2017 година го наследи турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Јилдирим, на 22 мај 2016 година доби задача да формира влада, а два дена подоцна беше назначен за шеф на 65. Влада на Турција.
На јавноста ѝ е познат како мирен и сталожен човек со изразено чувство за хумор. Во ретки случаи кога во јавноста зборуваше за себе, Јилдирим се претставуваше како човек кој малку зборува, но многу и енергично работи, како што вели и неговото презиме, а „Јилдирим“ на турски значи „гром“ или „молња“.
Сака да чита и да рецитира поезија, но и да се занимава со спорт во своето родно место. Доделени му се и почесни докторати на неколку универзитети, а течно зборува и англиски.