A. Eda Ünlü Özen
25 Септември 2017•Ажурирај: 26 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека поради неуставниот референдум во северниот дел на Ирак, кризата го достигна својот врв и оти тоа е почеток на еден процес во којшто ќе има непријатни и вознемирувачки настани, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се надеваме дека нема да се соочиме со такви ситуации, но одржувањето на неуставниот референдум за инает на целиот свет претставува еден вид подготовка за жестоки конфликти. Цената за ова ќе ја платат недолжните цивили. Во овој контекст, директно ќе комуницираме со централната власт на Ирак и така ќе донесуваме соодветни одлуки“, рече Јилдирим.
Oсврнувајќи се на можните санкции на Турција кон Курдската регионална управа во северен Ирак, Јилдирим рече дека надлежните турски министри во моментов работат на ова прашање и ја следат ситуацијата, така што благовремено би биле донесени соодветни мерки.
„Во тој поглед имаме некои проблеми, бидејќи границата во моментов ја контролираат пешмергите, а ирачката Влада бара од нив да ги предадат границите. Не знаеме дали ќе ја предадат контролата на границите и ќе го следиме тој случај. Затоа, во наредниот период интензивно ќе водиме дијалог со Владата на Ирак во Багдад“, рече Јилдирим.
Турскиот премиер изјави дека никој не може да очекува оти Турција мирно ќе гледа ако против Tуркмените во Ирак биде извршен некој напад.
„Барзани го поттикнуваат и го охрабруваат некои кругови, но не треба да заборави дека тие се кругови што ќе му го свртат грбот штом нешто не тргне според нивниот план. Тој ќе мора повторно да дојде на нашата врата“, рече турскиот премиер Јилдирим.
Тој истакна дека Турција не влегува во никаква војна, и објасни дека таа само врз основа на авторитетот и меѓународното право интервенира надвор од границите кога постои закана за нејзината национална безбедност.
„Нашите граѓани можат да бидат мирни, бидејќи ние нема да војуваме. Да не создаваме таква атмосфера, бидејќи се работи за можни операции кои имаат прецизно место и цел“, рече Јилдирим.