Mümin Altaş
18 Јули 2017•Ажурирај: 19 Јули 2017
АНКАРА (AA) – Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека сепаратистичката терористичка организација ПКК остана во безнадежност и оти одлучните операции на турските сили ја довеле до последното издивнување, јавува Anadolu Аgency (AA).
Премиерот Јилдирим се обрати на седницата на Клубот на парламентарните пратеници од владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) и во таа пригода истакна дека антитерористичките операции против ПКК траат, а терористите веќе нема каде да се скријат, ниту во планините, ниту имаат капацитет да обезбедат храна, ниту да врбуваат нови членови.
Тој потсети дека пред два дена во Турција е одбележана првата годишнина од обидот за воен удар што го изведе терористичката организација ФЕТО, и рече дека турскиот народ уште еднаш на целиот свет, пријателите и на непријателите им покажал дека народот не може да се покори.
Со повеќемилионските собири на граѓаните на Турција, во саботата им беше оддадена почест на загинатите херои и уште еднаш беше осуден минатогодишниот обид за пуч, а премиерот Јилдирим рече дека со пригодна програма, годишнината од предавничкиот обид за воен удар беше одбележана во повеќе земји во светот.
Јилдирим најави дека Турција решително ќе ја продолжи борбата против сите терористички организации на територијата на Турција, но и надвор од нејзините граници, во согласност со меѓународното право за самоодбрана.
Тој се осврна на актуелните поплави во Истанбул и рече дека градот е соочен со поплави кои се на ниво на катастрофа, предизвикани од врнежи од дожд кои се многу поголеми од просекот за овој период од годината. Исто така, додаде дека ситуацијата е под контрола и оти досега нема информации за настрадани.
„Таквата состојба ја предизвикаа абнормалните врнежи. Ќе биде сторено потребното кога е во прашање санирањето на штетата“, порача Јилдирим.