Gülsüm İncekaya
05 Март 2020•Ажурирај: 05 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот специјален претставник за Сирија, Џејмс Џефри, изјави дека е неопходно политичко решение за сирискиот град Идлиб под водство на Обединетите нации (ОН), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Истанбул започна „Меѓународната конференција за Идлиб“, а организатор е турскиот Кабинет за комуникации.
Еден од учесниците на панел-дискусијата „Што би требало да направат меѓународната заедница и организации за решавање на проблемите во Идлиб“, беше и специјалниот претставник на САД за Сирија, Џејмс Џефри.
Тој потврди дека се солидаризираат со народот во Идлиб, но и со сирискиот народ воопшто.
Потсети дека во Идлиб живеат околу три милиони лица.
„Овие луѓе живеат во многу тешки услови во Идлиб. Тие се изложени на притисоците на режимот на Асад. Режимот на Асад уште еднаш покажува дека не се грижи за граѓаните. Се извршуваат ужасни напади врз цивилите. Ова не го одразува само ставот на американската администрација. Во исто време, ова го гледаме од извештаите подготвени од независните организации за Сирија. Овие ставови беа изразени и во извештаите доставени до претставниците на Обединетите нации (ОН)“, рече Џефри.
Џефри потсети дека солидарноста со Идлиб исто така има клучна улога, особено кога станува збор за хуманитарната помош.
„Во Идлиб е на сцена хуманитарна криза со невидени размери. Можеби и најголемата хуманитарна криза на 21 век“, изјави Џефри.
Специјалниот претставник наведе дека тоа мислење го споделува и Високиот комесаријат за човекови права на ОН.
„Но, тука не станува збор само за хуманитарна криза. На пример, порано видовме дека се користи и хемиско оружје. Употребата на хемиско оружје во Сирија не е само кршење на резолуциите на ОН и меѓународните договори. Тоа е нешто што го надминува користењето оружје за глобално уништување“, рече Џефри.
Тој додаде дека чекорите на Русија и Иран достигнале клучна фаза.
Потсети дека имало ситуации во 1930-тите, кои биле голем предизвик за меѓународната заедница, наведувајќи ги како примери Јужното Кинеско Море и Крим.
„Но, она што се случува во Идлиб е предизвик за меѓународниот систем. Оваа состојба влијае на многу земји. Постојат голем број земји кои се вклучени, отворено или скриено, во овој процес. Знаеме каква е улогата на Турција. И сите знаеме кои се сите тие. Русија, Иран, либански Хезболах, коалициските сили предводени од САД“, рече Џефри.
Тој потсети на низата операции што се спроведуваат, вклучително и на оние што ги спроведуваат израелските воздушни сили против Иран.
„Во исто време, постои конфликт помеѓу овие сили. Можноста за конфликт меѓу Турција и Русија во Идлиб е исто така многу голема. Поради ова, постои сериозен ризик за меѓународниот поредок“, рече Џефри.
Тој додаде дека Турција, која е соседна земја со Сирија, има голем број одговорности кога станува збор за безбедноста.
„Другите соседни земји на Турција имаат слични одговорности. Во исто време, одговорност имаат и САД, арапскиот свет, Европската Унија (ЕУ) и НАТО. Ние сакаме сите овие земји да се вклучат и да преземат одговорност. Ние сакаме политичко решение предводено од ОН. Ние не прифаќаме воено решение. Сите знаеме што прави сириската држава заедно со Русија и Иран. Треба да продолжиме да работиме брзо на сите нивоа“, рече Џефри.
Тој потсети дека турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и американскиот претседател, Доналд Трамп, исто така биле во контакт.