Bahattin Gönültaş
05 Април 2016•Ажурирај: 06 Април 2016
СТОКХОЛМ (АА) – Воените издатоци во светот минатата година изнесуваа 1,7 трилиони долари, што е за еден отсто повеќе во однос на 2014 година и е прво зголемување на воените трошоци од 2011 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм (SIPRI) непосредно пред почетокот на Форумот за безбедност и развој во Стокхолм објави извештај за воените трошоци во светот во текот на 2015 година.
Зголемувањето на глобалните воени трошоци е одраз на продолжувањето на зголемување на воените издатоци во земјите на Азија, Океанија, централна и источна Европа и Блискиот Исток. До намалување на воените издатоци има во земјите на Африка, Латинска Америка и Карибите.
САД и понатаму е светски лидер во воените издатоци.
Иако во 2015 година Вашингтон за воени цели потроши 2,4 отсто од парите помалку во однос на 2014 година, и понатаму е светски лидер во таа област од потрошените вкупно 596 милијарди долари минатата година.
На второ место во воените издатоци е Кина која минатата година за тие цели потроши 215 милијарди долари, што е за 7,4 отсто повеќе во однос на претходната година. Саудиска Арабија е на трето место со потрошени 87,2 милијарди долари и остварено зголемување на воените трошоци за 5,7 отсто.
Русија минатата година, за воени цели потроши 66,4 милијарди долари, што е за 7,5 отсто повеќе во однос на претходната година.
За разлика од претходниот период кога порастот на профитот од нафта доведе до зголемување на воените издатоци во земјите богати со тој ресурс, намалувањето на цените на тој енергент во изминатите две години принуди бројни земји на намалување на воените издатоци. Се очекува тој тренд да продолжи и оваа година.
Најголемо намалување на воените издатоци минатата година кое е поврзано со намалување на цената на нафта, забележано е во Венецуала и Ангола, кои ги намалија издатоците за 64 отсто во однос на 2014 година.
Поради истите причини, за војската, минатата година, помалку издвоија и Бахреин, Брунеи, Чад, Еквадор, Казахстан, Оман и Јужен Судан.