Admir Fazlagic
04 Јули 2016•Ажурирај: 04 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Турција презеде два важни чекори оваа недела со цел да ги нормализира односите со Израел и Русија. Овој голем развој на настаните ќе има значаен резултат за надворешната политика на Турција и регионалниот мир и стабилност. Тоа има потенцијал да помогне во однос двата долготрајни проблеми, Палестина и Сирија, како и во однос на борбата против ДАЕШ и тероризмот на ПКК", напиша во својата колумна за "Daily Sabah" гласноговорникот на Претседателството на Република Турција Ибрахим Калин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во својата колумна Калин пишува дека по долгиот процес на преговори, кој траеше скоро шест години, турските и израелски официјални лица потпишаа договор за меѓусебно нормализирање на односите на 29-ти јуни 2016 година.
„За Турција, договорот гo исполни нејзиниот втор и трет услов, односно, компезацијата за семејствата на оние кои загинаа за време на израелскиот напад врз бродот „Мави Мармара” и олеснување на блокадата врз Газа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ се извини на Турција уште во 2013 година, во телефонски разговор со тогашниот премиер, а сегашниот претседател Реџеп Таип Ердоган и во присуство на претседателот на САД, Барак Обама", пишува Калин.
Според Калин, Договорот за нормализација на односите отвора едно ново поглавје во две значајни области кои имаат огромно гео-политичко значење: турско-израелските односи и ситуацијата во Газа. „ Двете страни се согласија да започнат со процесот на испраќање амбасадори и обнова на економските и туристички односи. Значи, ќе бидеме сведоци на одредена нова активност во билатералните односи.Но подеднакво важнa е новата ситуација во Газа во однос на која договорот ќе ѝ овозможи на Турција испраќање хуманитарна и цивилна помош (што значи храна, медицинска опрема, и.т.н). Впрочем, првиот брод со помош веќе пристигна на пристаништето Ашдод a помошта ќе биде доставена до населението на Газа на Рамазан Бајрам во име на турскиот народ".
Понатаму, наведува Калин дека Турција гледа голема можност и има и гаранција од израелска страна, како дел од договорот, дека ќе бидат подобрени условите за живот во Газа.
„Ова ќе започне со зголемување на износот на електрична енергија и вода за населението на Газа на дневна основа. Недостатокот на електрична енергија и вода е голем проблем во Појасот Газа кој влијае на сè, од здравјето до земјоделството. Тим од технички експерти ќе отпатува за Газа со цел да ја проучи постоечката водна и електрична инфраструктура, а работата ќе започне наскоро. Турција, исто така, ќе ги заврши и своите тековни проекти, вклучувајќи ја болницата во Газа и социјалните станови за оние чии куќи беа уништени во нападите врз Газа", пишува во колумната.
Меѓу другото, гласноговорникот на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, во својата колумна изразува надеж дека луѓето во Газа ќе ги видат и опипаат резултатите од новиот турско-израелски договор во нивниот секојдневен живот.
„Турција е подготвена да го направи сето ова а израелските официјални лица го согледуваат тоа значење. Од политичка страна, Турција ќе продолжи да го поддржува правото на палестинскиот народ за своја независна држава и ставaње крај на окупацијата, што е единствениот, најразорниот извор на војна, конфликт и страдање. Турција ќе ги продолжи врските со сите палестински групи и ќе им помогне на сите Палестинци на Западниот Брег и Газа. Со нормализирање на односите со Израел, Турција, исто така, ќе има поголема шанса да придонесе во мировниот процес и да спречи непотребни тензии и губење на човечки животи. Ова важи и за многу критичната и чувствителна ситуација во и околу џамијата Ал-Акса во Ерусалим."
Калин во својата колумна се осврнува и на како што пишува, втората голема вест оваа недела, процесот на нормализирање на односите со Русија.
„Тоа дојде како изненадување за многумина, но работата за надминување на кризата по соборувањето на авинот во ноември 2015 година беше во тек веќе неколку месеци. Ефикасната задкулисна дипломатија работеше на случајот, а претседателот Ердоган испрати писмо до неговиот руски колега Владимир Путин во кое изрази жалење и тага поради убиството на рускиот пилот. Двајцата лидери презедoa храбар чекор за нормализирање на односите меѓу двете клучни земји во регионот. По соборувањето на рускиот авион, Турција презеде конструктивен и помирувачки пристап. Сега ова е возвратено со брз потег на претседателот Путин за брзо укинување на сите економски и туристички санкции против Турција - добри вести прославени од страна на бизнис заедницата и граѓаните од двете страни."
Покрај економијата, пишува Калин, сепак, клучниот исход на новото поглавје во турско-руските односи ќе биде околу иднината на сириската војна и борбата против тероризмот.
„Во нивниот телефонски разговор на 29-ти јуни, претседателот Ердоган и Путин се согласија да работат на двете прашања и им дадоа инструкции на своите тимови за следење на истите. Ова е важен развој и може да има големи резултати во однос на влошената ситуацијата во Сирија, каде што прекинот на огнот не се почитува и режимот одбива да разговара за политичката транзиција - двата клучни елементи од мировниот процес предводен од ОН во Виена и Женева. Ставот на Турција во однос на војната во Сирија и иднината на Башар ал-Асад е добро познат. Обновените напори меѓу Турција и Русија ќе имаат потенцијал да ја запрат состојбата во Сирија. Ова, исто така, ќе ѝ помогне на Турција поефикасно да се бори против тероризамот на ДАЕШ кој доаѓа од сириско тло."
Исто така, Калин се осврнува и на терористичкиот напад кој се случи на Меѓународниот аеродром Ататурк во Истанбул кој се случи на 28.06.2016 година.
„Не е случајност тоа што терористичкиот напад на Меѓународниот аеродром Ататурк во Истанбул се случи еден ден откако беа најавени договорите со Израел и Русија. ДАЕШ секако е против двата договори и гледа на Турција како на стратешка цел. Турција ќе продолжи да презема силни мерки против оваа терористичка организација и да ги координира своите напори со САД, и сега со Русија", наведува Калин во колумната.
„Потегот на Турција за нормализирање на односите со Израел и Русија е навремен и врз основа на принципите на заеднички интерес и почит, на регионалната соработка, мирот и безбедноста. Со оглед на трауматичната ситуација на Блискиот Исток и во целиот свет, овој „ветрец” беше потребн за справување со голем број на итни и неодложни прашања", заклучува Калин, во својата колумна за "Daily Sabah".