Onur Orhan,Uğur Subaşı
14 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
САКАРЈА (АА) - Министерот без ресор во Владата на Северна Македонија, задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, истакна дека во Северна Македонија треба да има поголем број турски инвеститори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хасан имаше свое обраќање на состанокот во врска со инвестициите организиран од страна на Трговско-индустриската комора во турскиот град Сакарја, каде што нагласи дека се отстранети сите пречки пред членството на Северна Македонија во НАТО.
„Нашето членство во НАТО ќе даде гаранција. Од аспект на бизнисмените, Република Северна Македонија веќе се смета безбедна земја“, рече Хасан, нагласувајќи дека во последниот период се зголемени бројките во областа на вработеноста, инвестициите и извозот.
„Бројките во економијата покажуваат дека оваа Влада е успешна. Се надеваме дека овие бројки ќе се зголемат преку турските инвестиции кои ќе се реализираат сега и во наредниот период“, додаде тој.
Хасан нагласи дека во земјата се наоѓаат инвестиции од различни земји како Германија, Велика Британија, Шведска и САД.
„Кога ќе се земе предвид поддршката која Република Турција ѝ ја дава на Северна Македонија од 1991 година, сметаме дека бројката на турските инвеститори треба да биде поголема“, рече Хасан.
„Нашата земја се смета како порта која се отвора кон ЕУ“, нагласи тој.
Според него, очекуваат во наредните 4-5 години да го започнат и завршат процесот за членство во ЕУ.
„Верувам дека нашата земја ќе стане членка на ЕУ. Со тоа, турските инвеститори во неа ќе станат европска компанија и ќе добијат подобри можности“, истакна Хасан.