Besar Ademi
24 Март 2017•Ажурирај: 25 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - На тркалезната маса под мотото „Здружени да ја елиминираме туберколозата – никој да не биде заборавен“, организирана во Скопје, по повод Меѓународниот ден на туберкулозата, беше истакнато дека од 2002 година наваму, бројот на случаи на туберкулоза во Република Македонија постојано се намалува, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, во 90-тите години во Македонија биле регистрирани околу илјада луѓе погодени од туберкулоза, на годишна основа, а потоа до 2010 година се регистрирани околу 600 луѓе, додека во 2016 година имало само 208 луѓе погодени од туберкулоза.
Јованка Костовска од Министерството за здравство соопшти дека во 2015 година, само во европскиот регион се регистрирани 32.300 луѓе заболени од туберкулоза, од кои 27.000 по туберкулозата се инфицирани и со вирусот ХИВ.
„Со години наназад, процентот на заболени од туберкулоза во светски и во европски рамки, па и кај нас, постепено опаѓа за некаде од 2 до 5 проценти. Потребни се многу повеќе напори, многу повеќе активности за да успееме да ја постигнеме целта што ја бара Светската здравствена организација, а тоа е до 2030 година да ја елиминираме туберкулозата, да ја нема туберкулозата“, рече Костовска.
Во меѓувреме, Билјана Илијевска Поповска од Институтот за белодробни заболувања кажа дека светот треба поактивно да се вклучи за луѓето погодени од болеста да ги обезбедат потребните здравствени услуги. Во овој случај, таа посочи на бегалците и емигрантите во Европа и во светот, кои според неа, немаат пристап до потребниот третман за борба против туберкулозата.
„Потребно е да се нагласи и проблемот што го носат бегалците и мигрантите, како во Европа така и во светот, затоа што овие лица, според одредени законски прописи, исто така не можат секогаш да добијат соодветна здравствена помош. Околу 600 илјади деца минатата година не биле лекувани правилно од туберкулоза“, рече Поповска.
На оваа тркалезна маса, во организација на Националниот координативен механизам и Институтот за белодробни заболувања, со поддршка на Министерството за здравство, дискутираа советници и претставници од граѓанскиот сектор кои работат директно со ова прашање, и даваат придонес за спречување и отстранување на туберкулозата.