Ivana Ramadanova
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Секој од нас е различен и посебен на свој начин и затоа болеста не треба да биде мерило за тоа каква е една личност, истакна премиерот Зоран Заев на денешното отворање на дводневниот 39. состанок на Одборот на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза, јавува Anadolu Agency (AA).
„Крајно време е да обезбедиме средина која нема да ги осудува, ниту, пак, ќе ги дискриминира лицата болни од ХИВ или од туберкулоза. Само на тој начин ќе гарантираме заштита и остварување на основните човекови права. Владата на Република Македонија водена од концептот „Едно општество за сите“ вложува напори да создаде општество ослободено од предрасуди“, рече Заев.
Тој посочи дека Македонија претставува лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза од страна на државата.

„Во изминативе 14 години за борба против ХИВ и туберкулоза како фонд за Република Македонија се издвоени дури 34 милиони долари. Почнувајќи од оваа година, Република Македонија во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза. За оваа намена, Владата за 2018 година издвои 1,5 милиони евра или три и пол пати повеќе во споредба со минатата година“, рече Заев.
Премиерот Заев посочи дека инвестирајќи во заштитата, на долг рок ќе се спасат поголем број човечки животи, додавајќи дека државното финансирање мора и натаму да се зголемува, со што ќе биде гарантирана долгорочна одржливост на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза и ќе се опфатат поголем број засегнати граѓани.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, во моментов земјите ја зголемуваат државната финансиска поддршка, додека Глобалниот фонд ги поддржува земјите со највисока стапка на овие болести, а со помал економски капацитет.

„Бидејќи зајакнувањето на одржливоста е тековен процес, дијалогот од овој министерски состанок треба да продолжи во рамките и меѓу земјите на политичко и техничко ниво со вклучување на различни сектори, вклучително и засегнатите заедници и граѓанското општество", додаде Филипче.
На дводневниот 39-ти состанок на Одборот на Глобалниот фонд против ХИВ, маларија и туберкулоза, присуствуваат 300 делегати од целиот свет.