Fatjon Cuka
04 Август 2018•Ажурирај: 06 Август 2018
ТИРАНА (АА) - Североатлантскиот совет ја одобри одлуката, во Албанија да се изгради првата воздушна база на Западен Балкан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Албанија, Еди Рама, на социјалните мрежи соопшти дека со фондовите на Североатлантската алијанса и со партнерство на Владата на Албанија, НАТО ќе инвестира над 50 милиони евра, само за првата фаза од проектот за модернизација на воздушната база во албанскиот град Кучово.
Според Рама, преку овој проект, кој се очекува да започне оваа година, Кучово ќе служи како база за поддршка на НАТО за воздушно снабдување, логистичка поддршка, поддршка за воздушна полиција, како и за тренинзи и обука на Алијансата.
„Кучово истовремено ќе служи како национална база на Воздухопловните сили на Албанија и оваа стратешка инвестиција на НАТО во Албанија ќе донесе еден нов стандард за нашите Вооружени сили. Несомнено, инвестицијата од ваква величина создава нови можности за економскиот и социјалниот развој на целиот регион каде што се планира изградба на оваа нова воздушна база од најновата технологија“, напиша Рама.
Рама истакна дека паралелно се реализираат дискусии со САД за понатамошна модернизација на албанските воздушни капацитети, и според него, наскоро се очекува заедничките одлуки од овие дискусии да одат на одобрение во американскиот Конгрес.