Husameddin Gina
07 Декември 2018•Ажурирај: 09 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – „Во Град Скопје има 5.000 занаетчии, а се проценува дека на црно работат дупло повеќе“, истакна Никола Петров, претседател на Занаетчиската комора од Скопје, на денешната тркалезна маса „Спречување на сивата економија во занаетчискиот сектор“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот на Занаетчиската комора од Скопје, Никола Петров, целта на тркалезната маса е подигнување на свеста за спречување на сивата економија во занаетчиството и поттикнување дијалог и соработка со инспекциските служби.
Тој истакна дека во Скопје има 5.000 занаетчии, а на црно работат дупло повеќе.
„Од ден на ден ни се намалуваат легално регистрираните занаетчии поради тоа што имаме сè повеќе и повеќе нелегални занаетчии што работат дали по пазарите, дали по улиците, дали по домовите. Вака веќе не може“, истакна Петров.
На новинарско прашање колку сивата економија конкретно му штети на бизнисот, Никола Петров нагласи дека загубата е огромна и најмногу трпи буџетот државата. Тој се надева дека добрите денови за занаетчиите доаѓаат.
„Секогаш во моите излагања кажувам дека ќе дојде ден кога занаетчијата ќе биде подобро платен од професор на факултет, деновите доаѓаат“, рече тој.
Славе Вељановски, претседател на Секцијата за автострука, истакна дека дивото работење најмногу ги засега токму занаетчиите коишто се регистрирани.
„Главниот проблем во сивото работење е што ние регистрираните не сме заштитени. Играме некоја игра во којашто нема правила, за нас важат правилата, значи ние мораме да бидеме регистрирани, да ги имаме сите сертификати за работа, плаќаме месечни придонеси итн., додека некој којшто работи на 10-15 метри од нас е ослободен од сите тие работи“, нагласи Вељановски.
Билјана Србиновска од Државниот пазарен иснпекторат истакна дека во текот на 2018 година се извршени вкупно 119 контроли во областа на занаетчиството и издадени се 4 прекршочни платни налози.
Според Србиновска недостасуваат испектори.
„Колеги недостасуваат затоа што сме во моментот 20 инспектори, од кои потенцијални пензионери следната година би биле 6-7, така што остануваме многу малку, а надлежностите се големи“, нагласи Србиновска.
На тркалезната маса на која учествуваа занаетчии, претставници од Министерството за труд и социјална политика и пазарни и трудови инспектори, беа донесени вкупно 15 заклучоци за спречување на сивата економија во занаетчискиот сектор. Заклучоците ќе бидат испратени до сите надлежни институции.