Admir Fazlagic
30 Март 2020•Ажурирај: 31 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Занаетчиската комора - Скопје, Никола Петров, одржа прес-конференција на која упати апел до Владата на Северна Македонија да изнајде начин со финансиска поддршка да им излезе во пресрет на занаетчиите, истакнувајќи дека пандемијата на коронавирусот го погоди целиот занаетчиски сектор, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Пандемијата на коронавирусот го погоди целиот занаетчиски сектор. Целиот сектор е во криза затоа што нема побарувачка за занаетчиските производи и услуги. Занаетчиството е сектор каде што функционираат семејни бизниси и егзистенцијата на цели семејства на занаетчиите и на семејствата на вработените во занаетчискиот сектор се доведуваат во прашање“, истакна Петров.
Според него, во досегашните мерки кои се донесени од страна на Владата занаетчиите не се опфатени со ниту една мерка. Мерките кои се предлагаа деновиве, а кои се на разгледување, опфаќаат субвенционирање на минималната плата за вработените, придонесите остануваат на товар на работодавачите.
Како што потенцираше Петров, проблем се јавува кај занаетчиите како самостојни вршители на дејност затоа што немаат обврска да уплаќаат плата за себе, туку да плаќаат придонеси, а доколку се донесе мерката за субвенционирање на плати а обврската за исплата на придонеси додека трае пандемијата да падне на товар на работодавачот, занаетчиите нема да бидат опфатени со мерките.
Поради тоа, како што информираше, Занаетчиската комора - Скопје до Владата на Република Северна Македонија поднесе предлог-антикризни мерки за занаетчиите.
„Во мерката за субвенционирање плати и придонеси да се предвидат и занаетчиите за време на кризниот период, во спротивност постои можност за затворање на бизниси и отпуштање на вработените“, рече Петров, набројувајќи ги предложените мерки.
Тој посочи дека сите мерки кои ќе бидат донесени за бизнис-секторот потребно е да бидат подобни за да можат да аплицираат и занаетчиите.
„Занаетчиството ќе биде на работ на пропаста по оваа криза. Сега е моментот кога Владата треба да му помогне на секторот затоа што без финансиска помош многу бизниси нема да ја издржат оваа криза“, нагласи Петров.
Според податоците од Занаетчиската комора - Скопје, во занаетчискиот сектор се регистрирани занаетчии кои функционираат како самовработени лица и занаетчии кои имаат вработени. Станува збор за околу 5.800 занаетчии и околу 3.300 вработени во занаетчкискиот сектор.
Потсетуваме, од 22 март, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21:00 до 05:00 часот. Исто така, во деновите на викендот, во сабота и недела, забрането е движење на населението од 16:00 часот до 05:00 часот наутро.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот.
Во земјава досега, од коронавирусот се заразени 259 лица, а починаа 6 лица.