Selma Kasap,1 23
15 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, изјави дека Турските вооружени сили и Слободната војска на Сирија од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ ослободиле околу 70 отсто од територијата на Африн во географска смисла и дека наскоро се очекува и ослободување на центарот на истоимениот сириски град, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин за телевизијата „TRT Haber“ изјави дека турските сили во операцијата „Маслинова гранка“ напредуваат во северозападниот регион на Африн, и покрај лошите временски услови и тешката планинска конфигурација на тоа подрачје.
Истакнувајќи дека однадвор операцијата изгледа лесна, Калин изјави дека турската војска и силите на сириската опозиција водат жестока борба за ослободување на секоја улица, а покрај тоа внимаваат на заштитата на цивилите од тоа подрачје.
Укажувајќи на повеќегодишната терористичка окупација и присуството на странските терористи во Африн, Калин изјави дека терористите од тој регион сакале да направат нова тврдина по пример на Ќандил, северноирачката планина која се смета за колевка на терористичката организација ПКК.
„Со операцијата ‘Маслинова гранка’ тој план е спречен. Турција никогаш нема да дозволи на нејзината граница да се прават терористички упоришта и тоа го спречивме во Африн“, изјави Калин.
Калин предупреди дека јавноста на поменот на странските терористи во Сирија дозна само за борците во редовите на терористичката организација ДЕАШ и додаде дека странските борци дејствуваат и во состав на терористичката група ЈПГ/ПКК.
„Тие странски војници претежно доаѓаат од Европа. Турција со право прашува зошто европските земји им дозволуваат на тие терористи да заминуваат во редовите на ЈПГ/ПКК“, изјави Калин.