Admir Fazlagic
01 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - „На референдумот денеска гласаа повеќе од 650 илјади граѓани. Од граѓаните кои гласаа повеќе од 90 отсто избраа за и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот и да стане членка на НАТО и на ЕУ, порача премиерот на Република Македонија Зоран Заев на вечерашната прес конференција по завршување на референдумот", јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев рече дека денес е важен ден за државата и за граѓаните, кои, како што рече, достоинсвено гласаа и со својот мнозински глас порачаа дека „иднината на земјата е во НАТО и во ЕУ".
Тој истакна дека европска Македонија доби повеќе гласови „за“ од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија.
„Дури и да имаше ценсус, дури и ако имаше милион и 100 илјади излезени гласачи, овој резултат од над 600 илјади гласови „за“ ќе значеше јасна определба „за“ европска Македонија. Почитувани граѓани, народот направи многу важен избор, граѓаните кажаа „за“, рече Заев.
Премиерот на Македонија упати благодарност и до членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои презедоа одговорност за својата татковина и гласаа по сопствена волја, и покрај тоа, како што рече, што раководството на партијата заговараше бојкот. Заев упати апел до опозицијата и до сите политички партии да се обединат околку државниот и националниот интерес и да ги тргнат настрана теснопартиските интереси.
Меѓу другото, тој истакна дека и опозицијата и граѓаните знаат дека подобар договор со Грција нема и не може да има, како и дека членството во НАТО и во ЕУ нема алтернатива за земјата.
„Ова е момент кога пратениците со својата одлука треба да ја направат Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин. Во споритвно единствена друга демократска алатка која преостанува се предвремени парламентарни избори веднаш", истакна премиерот Заев.
Информираше дека остварил телефонски разговор со грчкиот премиер Ципрас и дека и двете страни остануваат посветени на договорот.
Прашан од новинарите дали со ваков резултат од референдумот помислува да поднесе оставка, тој истакна дека дека не помислува да поднесе оставка, туку напротив, дека уште е поубеден во тоа што го прави „да ја однесе Македонија во ЕУ и во НАТО".
Според неофицијални резултати на Државната изборна комисија, од над 85 отсто обработени податоци излезноста изнесува 36,11 отсто, од кои 91 отсто гласале „за“.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија до 19:00 часот имаа право на глас во 3.513 избирачки места во 80 општини во земјата.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот се одржа по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.