Zülfiya Yakup
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека не му треба ничија дозвола за посета на северниот дел на Косово и дека таму ќе оди кога ќе смета дека е потребно, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи на прес-конференција, коментирајќи ја реакцијата на Белград, по повод неговата вчерашна посета на граничниот премин Брњак и езерото Газивода, истакна дека никогаш не добил, ниту ќе добие дозвола или одобрение од кого било за такво нешто. „Косово е единствена, демократска и мултиетничка земја во која се гарантира слободата на движење за сите граѓани насекаде, без оглед на техничките или политичките тешкотии, кои моментално може да се појават“, рече Тачи.
Тој истакна дека на граѓаните или на институциите на Косово не им е потребна ничија дозвола за движење на секоја педа од косовската територија. „Ние, Косово, сме тие кои издаваме дозвола на другите да го посетат Косово кога ние тоа ќе го видиме за оправдано. Дозвола треба да бараат посетителите кои доаѓаат од Србија“, рече Тачи. Тој додаде дека неговата посета на граничниот премин Брњак и езерото Газивода минала без ниту еден инцидент и без најмал безбедносен проблем.
„Напротив, топло сум пречекан од локалните жители, косовските Срби кои живеат во овој дел, кои нѐ пречекаа со кафе и домашна ракија. Им се заблагодарувам. Во разговорот со мештаните уште еднаш е потврдено дека сите сакаат мир, разбирање, толеранција и помирување. Тие сакаат работни места, сакаат подобар живот за своите семејства и за своите деца, сакаат благосостојба“, наведе Тачи.
Косовскиот претседател им се заблагодари на сите меѓународни механизми во Косово, кои праведно ги известиле своите центри и не биле измамени од „белградската машина на лажни вести“, од белградските власти.
Тој повтори дека косовските институции остануваат посветени на дијалогот со Србија, бидејќи постигнувањето мировен договор е единствениот пат за зачленување на Косово во ОН, НАТО и ЕУ. Тој, исто така, изрази уверување дека актуелните разлики во политичкиот спектар во Косово ќе се надминат во наредните денови и недели, бидејќи сите се за договор со Србија, кој значи заемно признавање. Во врска со својот предлог за корекција на границите меѓу Косово и Србија, повтори дека тоа значи опфаќање на барањето, Прешево, Бујановац и Медвеѓа да се припојат на Косово, како и тоа, дека тоа е во спротивност со моделот на поделба на Косово, размена на територии или моделот на „Заедница плус“, што би го оневозможил нормалното и ефикасно функционирање на државата Косово.