Adel Ömeragic
26 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Првиот заменик-премиер и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, порача денес дека демаркацијата на границата со Црна Гора во овој момент не е можна, поради ситуацијата во косовскиот Парламент. Тој повтори дека тоа нема да биде пречка за добрите односи меѓу двете држави, додека од страна на Црна Гора е порачано дека прашањето за официјална Подгорица е завршена работа, јавува Anadolu Agency (AA).
Пацоли денес престојува во официјална посета на Црна Гора, каде што прво оствари средба со црногорскиот колега, Срѓан Дармановиќ. По средбата, двајцата министри на прес-конференцијата ги повторија своите ставови во однос на демаркацијата, како и за односите во другите области.
Косовскиот министер Пацоли повтори дека демаркацијата на границата со Црна Гора во овој момент е невозможна.
„Што се однесува до демаркацијата, вие знаете дека сме свесни оти е потпишан договор, свесни сме дека тој договор е тука, но би ве замолиле да земете предвид дека имаме моментални потешкотии, составот на нашиот парламент е доста тежок и најверојатно ратификацијата на тој договор денес не е можна. За тоа треба да дојде вистинскиот ден и вистинското време, кога ние повторно ќе се сретнеме“, рече Пацоли.
Говорејќи за односите на Косово со Црна Гора, тој изрази благодарност за сето она што Црна Гора го има сторено и што во моментот прави за оваа држава, која ја призна во 2008 година.
„Косово му е благодарно на Црна Гора за поддршката, и ние сме подготвени да потпишеме стратешки договори со Црна Гора. Ние сме подготвени да организираме заеднички состаноци на Владата, еднаш или двапати годишно, во Подгорица или во Приштина. Имаме многу теми за коишто сакаме да разговараме. Сакаме да ги искористиме искуствата на Црна Гора на патот кон европските интеграции. Сакаме да го унапредиме развојот на економските односи, сакаме поголема размена на стоки и пари. Подготвени сме за изградба на патишта, бидејќи патиштата ги поврзуваат луѓето, тие се знак на цивилизацијата“, истакна Пацоли.
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, го повтори претходниот став на Црна Гора за демаркација на границата со Косово, наведувајќи дека нема ништо ново да се каже во однос на ова прашање.
„Односите на нашите две земји се многу добри и пријателски, со бројни можности за нивно понатамошно зајакнување и подобрување. Во овој поглед, една од темите на денешниот состанок беше и темата за ратификација на Договорот за демаркација на границата меѓу Црна Гора и Косово во косовскиот парламент, која ја потпишавме во Виена. Во оваа смисла, ние немаме да кажеме нешто ново. Јас во разговорите изразив уверување дека косовските институции ќе ја донесат одлуката за ратификација на договорот, со оглед на тоа што границите коишто постоеја во поранешна СФРЈ ги потврдија две комисии, од кои едната беше составена од меѓународни експерти. Како што соопштив повеќепати, демаркацијата со Косово е завршено прашање за Црна Гора, и ние имаме разбирање за внатрешните политички процеси во Косово, и како и досега ќе покажеме трпеливост и во наредниот период, со очекување дека институциите на Косово ќе покажат нормален демократски капацитет и ќе завршат со ратификацијата во разумен период“, рече Дармановиќ.
Тој изрази очекување дека ќе дојде до заклучување на трилатералниот договор меѓу Црна Гора, Косово и Албанија за точката на тромеѓето на државните граници на тие три земји.
Дармановиќ нагласи дека станало збор и за уставното признавање на Црногорците во Косово.
Пацоли за време на посетата ќе се сретне и со црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, со претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, и заменик-премиерот и министер за правда, Зоран Пажин.