Mustafa Hatipoğlu,Kaan Bozdoğan,Gökçe Karaköse
11 Октомври 2024•Ажурирај: 12 Октомври 2024
БЕЛГРАД (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека вратите на Туркије се отворени за претприемачите и инвеститорите од Србија, јавува Анадолу.
Ердоган престојува во дводневна посета на Србија, а вечерва заедно со неговиот српски колега Александар Вучиќ присуствуваше на Бизнис форумот, на кој се собраа околу 330 бизнисмени од Србија и Туркије.
Ердоган во својот говор рече дека бројните делегации кои дојдоа во посета на Белград покажуваат колкаво значење ѝ придаваат на соработката со Србија. Тој додаде дека двете земји имаат одлични односи засновани на историски и културни врски и дека постои взаемна волја за унапредување на соработката на сите полиња.
Турскиот претседател истакна дека Туркије и Србија за кратко време поминале долг пат и го зголемиле обемот на трговска размена на две милијарди долари. Тој додаде дека следната цел се пет милијарди.
„Инвестициите на турските компании кои отвораат нови работни места во Србија растат од ден на ден. Во Србија имаме околу 850 инвеститори со турски капитал. Додадената вредност произведена од овие компании се зголеми од 1 милион на 405 милиони долари во последните 12 години“, рече Ердоган.
Тој истакна дека двете земји работат заедно на зачувување на стабилноста и просперитетот во регионот и дека истовремено изградиле силни економии.
„Неуморно работиме на проширување на хоризонтите на нашиот деловен свет со иновативни и ефективни иницијативи низ целиот свет, заедно со вас, ценети претставници на нашата трговска дипломатија. Под водство на мојот драг пријател, Србија спроведува сериозни реформи во економијата, како и во сите области, а ние внимателно и со интерес го следиме економскиот подем на Србија. Затоа, и не за изненадување тоа што повеќе од 60 отсто од странските инвестиции во регионот, во износ од 4,5 милијарди евра, се инвестирани во Србија во 2023 година. Нашата економска и трговска соработка ја гледаме како локомотива на нашите билатерални односи“, изјави Ердоган.
Истакнувајќи дека турските компании во Србија вработуваат 9.600 работници, Ердоган рече дека работењето на турската банка Халкбанк покажува колку Туркије верува во светлата иднина на српската економија.
„Не постои сомнеж дека мојот драг пријател, претседателот Вучиќ, кој никогаш не се двоуми да ги поддржи нашите инвеститори, лично се занимава со проблемите на нашите компании и секогаш ја држи отворена вратата за нив, даде голем придонес во постигнувањето на овие успеси“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека се согласува со Вучиќ дека Туркије и Србија имаат можности значително да ја подобрат соработката на сите полиња, Ердоган рече дека на тоа ќе работат заедно.
„Постои значителен потенцијал во областа на здравството, енергетиката, информациските и комуникациските технологии. Треба да имаме повеќе корист од овие подрачја. Во интерес на двете земји ќе биде заеднички да преземат важни чекори, особено во одбранбената индустрија. Мислам дека е многу важно да го зголемиме нашиот дијалог, особено во областа на одбранбената индустрија. Би сакал да кажам дека сме подготвени да работиме со Србија на проекти во рамките на Европскиот зелен договор и дигитална Европа“, рече Ердоган.
Додаде дека туризмот се издвојува како еден од секторите во кои Туркије и Србија забележале најголеми успеси во соработката.
„Се надевам дека бројот на туристи кои доаѓаат во Туркије од Србија на крајот на оваа година ќе го надмине рекордот од 360.000 од 2022 година. Драго ни е што турските граѓани се на прво место меѓу туристите кои ја посетуваат Србија. Се разбира, овие бројки ќе се зголемат по одобрувањето на протоколот за патување со лични карти. Очекуваме значително зголемување“, рече Ердоган.
Наведувајќи дека тој и неговиот колега Вучиќ во конструктивна и искрена атмосфера разговарале за сите аспекти на соработката, Ердоган нагласи дека ја зајакнале договорната основа на нивните односи со 11 нови потпишани договори во различни области.
„Уште еднаш видовме дека постои цврста волја за зајакнување на соработката меѓу Туркије и Србија. Свесен сум за важноста и вредноста што мојот ценет пријател ѝ ја придава на Туркије, блиските односи со Туркије и турскиот деловен свет. Она што денеска го постигнавме во односите меѓу двете земји е извонредно. Личниот труд на Вучиќ има огромен удел на ова ниво“, рече Ердоган.