Ivana Ramadanova
25 Јануари 2018•Ажурирај: 26 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Иван Велкиков Петков, денеска во Скопје ја презентираше програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Петков изјави дека Република Бугарија смета и е убедена дека Македонија има реална можност да добие покана за почеток на преговорите оваа година.
Тој порача дека неговата земја ја поддржува Владата на премиерот Заев, опозицијата и граѓанскиот сектор во напорите за постигнување на највисоките национални цели, членство во ЕУ и НАТО и дека очекува сериозни придвижувања во таа насока и покана за старт на преговорите со ЕУ за време на претседавањето на Република Бугарија со Европскиот совет.
„Бугарија ги поддржува напорите на Владата на премиерот Зоран Заев, институциите и јавните администрации, граѓанското општество и медиумите и опозицијата за враќање на Македонија на Евроатлантскиот пат. Веруваме дека доколку постои одржлив развој во имплементирање на реформските приоритети и доколку се реши спорот со името, тогаш вашата земја има историска можност да започне преговори оваа година“, истакна амбасадорот на Република Бугарија Иван Великов Петков.
На денешната презентација, амбасадорот Великов Петков, посочи дека бугарското претседавање ќе има четири основни приоритети, и тоа: иднината на младите луѓе, фокус на економскиот и социјалниот развој, европската перспектива на Западен Балкан, стабилноста на сигурна и обединета Европа и четвртиот приоритет, кој како што рече, е важен и за Македонија а тоа е дигиталната економија.
Великов Петков потенцираше дека проширувањето на Европејскиот сојуз е најдобриот начин за гарантирање на стабилноста и просперитетот во соседството, додавајќи дека ова претставува основа за политичките и економските промени во регионот.