Dzihat Aliju,Fatjon Cuka
12 Септември 2025•Ажурирај: 13 Септември 2025
ТИРАНА (АА) - Нико Пелеши, член на Албанската социјалистичка партија (СП), е избран за нов претседател на Парламентот на земјата со освоени гласови на 84 пратеници, известува Анадолу.
Пелеши е избран за нов претседател на Собранието на Албанија откако доби поддршка од 84 од 140 пратеници на седницата на која претходно пратениците положија заклетва.
Тројца пратеници гласаа против Пелеши, новоизбраниот претседател на албанскиот Парламент. Опозициската Демократска партија не учествуваше во гласањето.
Зборувајќи по изборот за претседател, Пелеши рече дека Собранието ќе биде цврст сојузник во зајакнувањето на владеењето на правото и независноста на институциите во овој законодавен период.
Осврнувајќи се на процесот на европска интеграција на земјата, Пелеши истакна:
„Како членови на ова Собрание, ние сме сопатници и придонесувачи во последната фаза од патот на Албанија кон Европската Унија (ЕУ). Нашите одлични односи со Европскиот парламент и институциите на ЕУ ќе бидат дополнително продлабочени.“
Во текот на обраќањето на Пелеши, пратениците од опозицијата удираа со рацете по масата, обидувајќи се да ја попречат парламентарната седница.
Од друга страна, албанскиот претседател Бајрам Бегај на актуелниот премиер Еди Рама му ја довери задачата да формира влада.
Се очекува кабинетот да биде изгласан и инаугуриран наредните денови.
- Кој е Нико Пелеши?
Роден е на 11 ноември 1970 година, во Корча (Ѓорице) во Југоисточна Албанија. Завршил додипломски студии по електронско инженерство на Политехничкиот универзитет во Тирана.
Пелеши беше заменик-премиер на Албанија од 2013 до 2017 година, министер за земјоделство и рурален развој од 2017 до 2019 година и министер за одбрана од 2021 до 2024 година.