Bekim Laci
20 Август 2018•Ажурирај: 22 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Граѓаните кои денес попладне се најдоа на плоштадот „Македонија“ во Скопје, имаа посебна прилика да пробаат парче баклава што ја делеше Едукативното здружение „Парими културор“ од Скопје, по повод утрешниот празник Курбан бајрам, под мотото „Нова скопска традиција - Парче баклава за честит Курбан бајрам“, јавува Anadolu Agency (AA).
Јасир Дошљаку од ова здружение истакна дека ова е шеста година како што нивната организација дели баклава на градскиот плоштад, со што сакаат да испратат порака за мир.
Тој нагласи дека локалните минувачи од христијанска вероисповед покажуваат интерес за оваа активност, но ги подвлече и странските туристи кои се повеќе љубопитни, и поставуваат прашања како се подготвува баклавата.

„Првиот чекор беше промовирање на толеранцијата, бидејќи во овој град живеат христијани и муслимани, затоа со ова ја покажуваме нашата љубов што ја имаме за другите“, рече Дошљаку.
Фатиме Сали, активистка во ова здружение, нагласи дека впечатоците се позитивни, бидејќи таква е и реакцијата на минувачите кои упатија честитки за Бајрам.
„Целта и пораката на оваа активност е да поделиме што повеќе љубов и мир до сите граѓани без разлика на нивната религија или нација“, рече таа, нагласувајќи дека оваа година има една новост, а тоа е делење цвеќиња на сите жени.