Stipe Mayiç
30 Април 2017•Ажурирај: 01 Мај 2017
ЛОКВЕ (АА) - Во местото Локве во Горски Котар се одржа 41. по ред манифестација „Ноќ на жабите“, традиционален натпревар во скок на жаби, единствено во Хрватска, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ноќта на жабите“ се одржува секоја година во Локве во последната недела од месец април, бидејќи во тој период жабите се сѐ уште покрај вода. Штом наскоро започне пролетната суша во доцна пролет, жабите се повлекуваат подлабоко во шумата и тешко е подоцна да се уловат.
Се ловат воглавно незаштитени видови и тоа во текот на ноќта, кога е облачно и врнежливо време, велат мештаните, кои понекогаш сакаат да вкусат пржени жабји копани, но жабите натпреварувачи оваа вечер стануваат вистински спортски ѕвезди, а не специјалитет.
Привремените сопственици и „тренери“ на жабите удираат по жабодромот, и со викање и дување сакаат да ги мотивираат жабите за што подалечен скок, но допирањето на жабите е кршење на правилата на игра. Секоја жаба има свое име кое го бира домаќинот.
Жабодромот е кружна површина која во средината има мала основа на која натпреварувачот ја става жабата. Околу основата се исцртани концентрични кругови со ознаки од 10-120 сантиметри, колку што може да изнесува најдалечниот скок.
Целиот настан минува под будното око на четворица судии, а натпреварот се одвива во три круга, со тоа што во првиот круг се елиминираат оние најмрзливите за скок, жабите кои не го минуваат прагот. Дваесетте најдобри, пак, се борат за првото место.
Организаторите секоја година ловат доволно жаби за овој необичен натпревар, а по забавата сите се пушаат на слобода за да продолжат да се размножуваат. Секој натпреварувач мора да ја купи својата жаба пред натпреварот за да има право на учество.
Ѓурѓа Mалнар, директорка на Туристичката заедница на Општина Локва, истакна дека ловењето на секоја жаба која е дел од натпреварот е одобрено од страна на Министерството за заштита на животната средина.
Мештаните на Локви, кои денес бројат околу 600 жители, станаа „ жабари“ уште во 70-те години, по што мештаните од соседните места им се потсмевале поради називот на местото.
„Не нарекуваа 'жабари' и 'Локварци', а ние од тоа потсмевање направивме еден бренд и ја ставивме жабата како симбол на сите наши амблеми и логоа. Денес сме горди што сме жабари и што го имаме симболот на жабата на сите наши куќи“, рече Mалнар.