Admir Fazlagic
27 Август 2020•Ажурирај: 29 Август 2020
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Република Северна Македонија информира дека денеска министерот за здравство, Венко Филипче, присуствуваше на видео конференција на тема „Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за здравство, на конференцијата учествуваа министрите за здравство на Албанија, Огерта Манастарлиу; на Грција, д-р. Василеиос Кикилиас; на Република Српска, д-р. Ален Шераниќ и на Косово, Арменд Земај, како и заменик министерот за здравство на Босна и Херцеговина, д-р. Горан Черкез, д-р. Данијела Урошевиќ, Асистент на министер за интернационална соработка и европски интеграции и д-р. Верица Јовановиќ директор на Институтот за јавно здравје од Србија и д-р. Ангел Кунчев од Бугарија– директор на здравствениот иснпекторат.
На видео конференцијата која ја иницираше министерот Филипче, учесниците информираа за состојбата со коронавирусот во своите земји, предизвиците со почетокот на учебната година, подготовките на системот за есен и процесот за набавка на вакцината.
Во контекст на темите, министерот Филипче информираше дека во моментов, земајќи ги во предвид главните индикатори за евалуација на епидемијата, состојбата во Северна Македонија е стабилна.
Според соопштението, министерот Филипче појасни за препораката на Комисијата за заразни болести и условите под кои на 1 октомври ќе започне учебната година во земјата, како и за подготовките и зајакнување на здравствениот систем за есенскиот период со 16-те монтажни болници низ државата со кредит од Светската Банка.
Во однос на вакцината, Филипче рече дека како земја, Северна Македонија е заинтересирана за набавка на вакцина и дека, освен што земјата е дел од Ковакс програмата на СЗО, добила понуда од полскиот амбасадор во земјава, да купи количина од Полска, од вакцината на Астра Зеника.
„Во однос на границите и слободното движење на патници во земјите од регионот, Филипче посочи дека треба да се заземе координиран пристап помеѓу земјите како границите да бидат отворени и да им се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со коронавирусот, на што се сложија и останатите учесници на конференцијата", информираат од Министерството за здравство.
„Врз основа на ова, на видео состанокот е договорено да се изработи иницијален документ на взаемен протокол за границите. На документот ќе работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а следната видео конференција на која ќе се дискутира за протоколот ќе се одржи, најдоцна, за две недели од денес", стои во соопштението.