Admir Fazlagic
16 Октомври 2020•Ажурирај: 18 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Оливер Спасовски и Христо Терзијски заеднички сопретседаваа со Состанокот на министрите за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Состанокот насловен како „Национална, прекугранична и безбедност на луѓето во време на пандемија: стратегија, координација и синергија помеѓу ЕУ и Западен Балкан“ се одржа преку видеоконференција во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
По одржаниот состанок Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија ја објави заедничката изјава на министрите Спасовски и Терзијски.
„Во голема мера ја цениме можноста двете земји заеднички да копретседаваат со Берлинскиот процес во 2020 година и ефикасно да придонесат кон регионалната безбедност, отворено да разговараат за теми од голема важност и да бараат практични решенија. Европската Унија и регионот на Западен Балкан ги делат истите вредности и принципи. И ние се соочуваме со исти предизвици во борбата против организираниот и сериозен криминал, борбата против тероризам, управувањето со миграциите, заштитата на границите, борбата против корупцијата, итн. Оттаму, нашата соработка се заснова на заемна доверба и почит, како и континуитет и повисока регионална заложба за сите релевантни чинители", се вели во заедничката изјава.
Во заедничката изјава се наведува дека по дискусиите на денешната средба, министрите од сите земји учеснички во Берлински процес се согласија дополнително да ја зајакнат својата соработка главно како дел од својата безбедносна агенда, но поспецифично на преговарање за и потпишување на Регионална спогодба за слободно движење со лични карти во земјите од Западен Балкан.
Меѓу другото, во изјавата се потенцира дека „отстранувањето на пречките за движење на луѓето во регионот, како и континуираниот проток на стока, услуги и капитал и понатаму е клучен предуслов за одржливоста на идната социо-економска агенда на регионот - подобрени механизми за координација и соработка на полициските гранични служби во контекст на пандемијата со Ковид-19."
Исто така, се наведува дека предизвиците што се појавија поради пандемијата со Ковид-19 имаат сериозни последици на социо-економскиот развој како резултат на засилената контрола на границите, воведувањето времени ограничувања, како и мерките преземени на национално, регионално и на ниво на ЕУ со цел спречување на ширењето на пандемијата.
„Потребен е покоординиран пристап помеѓу земјите за целосно надминување на последиците од Ковид-19, како и обезбедување ефикасно управување со сите предизвици во областа на граничната заштита и миграциите", стои во изјавата.
„Веруваме дека претстојниот Самит на шефови на држави и влади во рамки на Берлински процес закажан во Софија на 10 ноември 2020 година ќе ја обезбеди неопходната поддршка на највисоко политичко ниво за спроведување на нашите приоритети и продолжување на нашата соработка во иднина", се заклучува во заедничката изјава на министрите Спасовски и Терзијски.