Stipe Majic
11 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, денес го презентираше акцискиот план за мерки и политики на популациската политика, кои би имале за цел подобрување на загрижувачката демографска слика на Хрватска која, според проценките, има помалку од четири милиони жители, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката Грабар-Китаровиќ истакна дека во 2011 година, според пописот на населението, во Хрватска живееле 4,28 милиони жители, а денес, според проценките, во државата има помалку од четири милиони со изразита возрасна нерамнотежа, осносно со зголемено стареење на населението.
Китаровиќ истакна дека Татковинската војна само ги забрзала неповолните демографски трендови кои станаа сè поинтензивни.
„Ако сегашните катастрофални демографски трендови продолжат, до 2051 година во Хрватска ќе живеат 3,15 милиони жители“, оценува претседателката, „што би можело да резултира со колапс на пензискиот и работничкиот систем“.
„Да се остане рамнодушен на фактот за нашето демографско исчезнување во крајна линија би значело откажување од иднината“, порача хрватската претседателка.
Колинда Грабар-Китаровиќ истакна дека спроведувањето на демографските мерки не е прашање на социјалните, туку на развојните политики.
„По правило, се иселува образованата и помладата популација која го носи демографскиот и наталитетниот научен и работен потенцијал. Заминуваат цели семејства, станува збор за вистински егзодус на хрватската младина кој се интензивираше со пристапувањето на Хрватска во Европската Унија“, рече таа.
Претседателката на Хрватска како една од причините за иселувањето ја наведе општата општествена клима која се карактеризира со малодушност, безнадежност, апатија, недостаток на амбиција и несигурност, идеолошки поделби, клиентелизам, непотизам, неможност да се основа семејство, непочитување на прекувремената работа...
Како дел од решението на ова прашање Грабар-Китаровиќ ја наведе потребата за спроведување реформи, а за Хрватска, како што рече таа, е клучна даночната реформа, реформата на јавната администрација преку дигитална трансформација, промена на структурата на економијата преку поттикнување на извозот и странските вложувања и приспособување на образовниот систем за таква економија.
Таа наведе драматичен број од 380.000 блокирани граѓани и предложи, меѓу другото, дека извршната постапка треба да се врати на правосудниот систем без посредници кои заработуваат на начин со кој трошоците стануваат поголеми од основната главнина.
„Трендовите водат кон демографска катастрофа, но јас сум оптимист бидејќи имаме огромен потенцијал“, рече хрватската претседателка.
Таа ја нагласи потребата за зголемување на износот на детскиот додаток, за воведување универзален детски додаток, надоместоци за породилно отсуство и обезбедување градинка за сите деца.