Admir Fazlagic
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, својата работна посета на Брисел денеска ја започна со средба со потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Владата, премиерот Заев ја изразил својата лична благодарност за одржувањето на Советот за стабилизација и асоцијација, во, како што се наведува, олку значаен период за Република Северна Македонија.
„На средбата беа повторени честитките за постигнувањата со Договорот од Преспа, неговата целосна имплементација и придобивките кои се веќе видливи за сите. Исто така, на средбата беше поздравен силниот напредок на Република Северна Македонија во исполнувањето на реформската агенда“, се вели во соопштението.
Се наведува дека Владата од потпретседателката на Европската комисија, Могерини, доби охрабрување пред јуни оваа година државата да ги спроведе преостанатите мерки за комплетирање на реформите предвидени со заклучоците на Европскиот совет од јуни минатата година.
„Учесниците на денешната средба во Брисел се согласија дека успешното спроведување на фер, демократски и слободни претседателски избори е клучно и приоритетно за Владата на Република Северна Македонија“, пишува во соопштението, во кое стои и дека на средбата, исто така, било истакнато дека сите очекуваат конструктивен пристап и учество на опозицијата во изборите, како и во реформските процеси.
На средбата на владината делегација, предводена од премиерот Заев со високата претставничка на Европската Унија, беше заклучено дека Република Северна Македонија има големи причини да се надева на позитивни сигнали од сите европски институции во наредниот период.
На средбата присуствуваа и заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.