Abdula Berisha
24 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
СКОПЈЕ
Град Скопје со донација од „Халкбанк“ целосно ќе ги реконструира сите 19 пешачки мостови во вториот дел од Градскиот парк, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението на Град Скопје стои дека ваква реконструкција се случува за првпат по неколку децении.
Обновата на мостовите почна денеска, а се очекува активностите да завршат за два месеца.
Обновата ќе опфати замена на дрвените подови со нови, поквалитетни дрвени материјали отпорни на климатски влијанија, премачкување на металните површини со боја што овозможува заштита од корозија.
Освен тоа, предвидено е поставување рампи за велосипедистите и лицата со посебни потреби и други зафати што ќе ги направат овие мостови побезбедни за користење, подолготрајни и естетски поубави.
„Ваква реконструкција на сите мостови одеднаш не е направена никогаш досега. Упатувам голема благодарност до „Халкбанк“ како општествено одговорна компанија којашто излезе во пресрет на Градот Скопје за да ја спроведеме заеднички оваа акција“, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи за обнова на мостовите во Градскиот парк.
„Нашата цел е на граѓаните да им овозможиме да уживаат во Градскиот парк, а кога ќе преминуваат преку овие мостови да се чувствуваат безбедно. Скопје е град што вложува во својот развој и покрај тешките услови. Пандемијата ќе помине, а животот ќе мора да продолжи“, додаде тој, повикувајќи да го дочекаме продолжувањето на животот со што подобра инфраструктура и во Градскиот парк и на улиците.