Dzihat Aliju
20 Ноември 2024•Ажурирај: 21 Ноември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Во кампусот на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје се одржа активност по повод 20 ноември, Меѓународниот ден на правата на децата, јавува Анадолу.
Активноста организирана од клубовите по право и психологија при ИБУ на едно место обедини ученици од различни националности на возраст од седум до девет години од Меѓународното училиште на турската фондација „Маариф“ од Скопје.
Асистентката предавач на Катедрата за психологија при ИБУ, Сумеа Рамадани, во изјавата за АА рече дека по повод овој ден сакале да ги информираат децата за нивните права.
„Како што знаеме, децата учат најдобро и најефективно преку игра. Поради оваа причина, заедно со студентскиот клуб по право на Меѓународниот балкански универзитет, подготвивме постери со правата на децата. Преку боите на децата им ги прочитавме сите нивни права. Потоа со изборот на омилената боја, тие го избраа своето омилено право“, рече Рамадани.
Таа додаде дека на овој начин сите деца биле информирани за нивните права, додавајќи дека во рамките на ИБУ развиле и различни активности за одбележување на овој ден.
Али Фуат Ташдемир, студент на трета година на Правниот факултет и раководител на клубот по право „Идеално право“, изјави дека активноста ја организирале заедно со клубот по психологија.
„Во моментов имаме војна што се одвива во Газа. Правото на живот е едно од правата што ги напишавме на почетокот (на играта што е организирана за децата). Наша желба е сите деца да го искусат ова право. И децата во Газа имаат право на живот и децата во Газа имаат право на образование. Оттука, во рамките на значењето на денешниот ден, упатуваме повик: Како сите деца, така и тие (во Газа) имаат право на живот“, рече Ташдемир.