Furkan Naci Top
15 Јуни 2018•Ажурирај: 16 Јуни 2018
АТИНА (АА) - Во Атина, главниот град на Грција, стотици лица излегоа на улица во знак на протест против Договорот што го постигнаа владите на Грција и Македонија околу проблемот за името, јавува Anadolu Agency (AA).
На плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент, се собра група која протестираше во знак на револт поради постигнатиот договор меѓу владите на двете земји.
Групата која извикуваше „Македонија е Грција!“, истакна плакати со написи „Тргнете ги рацете од Македонија!“
Протестот кој траеше два часа, се одржа за време на дискусијата, по повод предлогот за интерпелација на Владата во грчкиот Парламент.
- Предлог за интерпелација
Договорот меѓу двете влади предвидува Република Македонија да го смени името во Република Северна Македонија. Овој договор го потпали фитилот на политички дебати, а главната опозициска партија Нова демократија (НД), во Парламентот предложи интерпелација на Владата.
Кириакос Мицотакис, претседателот на НД, го бранеше ставот дека признавањето на народот и јазикот на соседната земја како македонски, значи повлекување од националната црвена линија на Грција.
Гласањето за интерпелација е закажано за утре, а за распуштање на Владата, во грчкиот Парламент кој брои 300 пратеници, потребно е да гласаат најмалку половината.
Панос Каменос, министер за одбрана на Грција и претседател на партијата Независни Грци (АНЕЛ), и владин партнер на СИРИЗА (Коалицијата на радикалната левица), и покрај тоа што изјави дека нема да гласа за Договорот, рече дека ќе гласа „Против“ интерпелација на Владата.
Според Договорот меѓу Грција и Македонија, Република Македонија треба да го смени името во „Република Северна Македонија“, по што на Македонија ќе ѝ се отвори патот кон членство во НАТО и започнување преговори за членство во ЕУ.