Bojana Stojanovic
06 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
БЕЛГРАД (АА) – Специјалниот суд во Белград осуди денес четворица поранешни припадници на Државна безбедност (ДБ) на казна од 30 и 20 години затвор за убиство на сопственикот и новинарот на „Дневни телеграф" Славко Ќурувија на 11 април 1999 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Тогашниот шеф на Државната безбедност Радомир Марковиќ и тогашниот шеф на белградскиот центар на ДБ Милан Радоњиќ осудени се на по 30 години затвор. Припадникот на резервниот состав на ДБ Мирослав Курак и оперативецот на ДБ Ратко Ромиќ осудени се на по 20 години затвор со мнозинство гласови на Судскиот совет.
На Ромиќ и Радоњиќ во казната им се смета и времето кое го поминале во притвор и куќен притвор. Марковиќ е осуден поради поттикнување на тешко убиство, а Радоњиќ, Ромиќ и Курак за тешко убиство во соучество.
Марковиќ веќе во затвор служи казна од 40 години поради четирикратно убиство на Ибарска магистрала, а Курак е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.
Според обвинението, Ќурувија на 11 април 1999 година го убил Мирослав Курак а соучесник му бил Ратко Ромиќ, кој со пиштол ја удрил во глава Бранка Прпа, која тогаш била со него.
Како што е наведено во обвинението тој е убиен поради јавно истапување во земјата и странство и критика на носителите на политичката власт, можноста да влијае на јавното мислење и делување на опозициските општествени сили, поради зачувување на постоечката власт”.
Ќурувија е убиен во двор пред влез во зградата каде беа простории на маркетинг службата на „Дневен телеграф".
Пресудата е изречена 20 години од убиството и тоа е прва пресуда за убиство на новинар. Таа е првостепена и на неа постои право на жалба до Апелациониот суд.