Adel Ömeragic
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Црна Гора е подготвена своите искуства во интеграциите да ги сподели со Македонија, со којашто има особено добри односи, беше пораката упатена денес, по средбата на претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, и претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, кој престојува во официјална посета на Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Брајовиќ изјави дека е задоволен оти Црна Гора е првата држава што Џафери ја посетува по изборите за претседател на Собранието на Македонија.
„Согласни сме дека односите на Црна Гора се на највисоко можно ниво, и тие можат да бидат патоказ за посилна економска соработка меѓу двете земји“, изјави Брајовиќ на прес-конференцијата по состанокот.
Како што наведе тој, на состанокот е оценето дека приемот на Црна Гора во НАТО е исклучителна околност за целиот регион.
„Црна Гора е подготвена сите искуства во интеграциите во НАТО и во ЕУ да ги сподели со нашите пријатели од Македонија, забрзано да продолжат по тој пат, бидејќи на него беа пред нас“, изјави Брајовиќ.
Џафери изјави дека двете земји немаат отворени прашања и оти е најважно да ја придвижат економската соработка и да ги интензивираат посетите на државните делегации.
Тој оцени дека соработката во областа на одбраната е мошне добра и оти може да се продлабочува.
„Се надевам дека нашите две влади ќе работат во иднина на тоа да се воспостави инфраструктурна соработка, особено сакаме да се воспостави авиопревозот, кој би ги поврзал нашите две земји“, изјави Џафери и додаде дека постои голем простор за соработка и во областа туризам.
Џафери во рамките на посетата на Црна Гора ќе се состане и со претседателот Филип Вујановиќ.