Adel Ömeragic
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Црногорскиот претседател Филип Вујановиќ испрати писмо до Врховниот државен обвинител Ивица Станковиќ, во коешто му укажа да донесе упатство со коешто на главниот специјален обвинител Миливој Катниќ ќе му биде соопштено дека нема потреба за притвор и оти пратеникот на Демократскиот фронт (ДФ), Небојша Медојевиќ, може да се брани од слобода, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратениците од Демократскиот фронт деноноќно престојуваат во Парламентот веќе четири дена, со цел да го спречат апсењето на Медојевиќ, кому пратениците на владејачката коалиција во четвртокот му го укинаа имунитетот, бидејќи Специјалното државно обвинителство го товари за перење пари. Од ДФ претходно го повикаа Станковиќ колку што е можно поскоро да донесе обврзувачко упатство за да се спречи апсењето на Медојевиќ.
Одделението за односи со јавност на претседателот на Црна Гора соопшти дека утринава, во телефонски разговор, Вујановиќ добил уверување од пратеникот Медојевиќ дека ќе ги почитува повиците на обвинителот и на судот и дека со ништо нема да го избегне или да го спречи водењето на кривичната постапка.
„Имајќи предвид дека се работи за пратеник, дека Собранието му го одзеде имунитетот и оти постои можност неговото присуство да се безбезбеди без лишување од слобода, претседателот на Црна Гора, испрати писмо до Станковиќ укажувајќи му на тоа да донесе упатство со коешто на Катниќ ќе му соопшти дека нема потреба за притвор и оти пратеникот Медојевиќ може да се брани од слобода", се вели во соопштението.