Ahmet Gençtürk
15 Јуни 2023•Ажурирај: 16 Јуни 2023
АТИНА (АА) - Бројот на загинати од потонувањето на рибарскиот брод преполн со мигранти кај брегот на југозападна Грција се искачи на 79, пренесува Анадолу.
Најмалку 104 мигранти се спасени, но се стравува дека бројот на загинати ќе се зголемува бидејќи преживеаните рекоа дека бродот превезувал до 700 мигранти, главно, од Пакистан, Египет и Сирија, јави грчката државна телевизија ЕРТ.
Некои од преживеаните изјавија дека меѓу патниците имало и многу жени и деца. Грчката крајбрежна стража истакна дека е тешко да се одреди точно колку мигранти имало на бродот.
Грчките власти истражуваат тројца преживеани што се под сомнение дека се трговци со луѓе, а кои привлекоа внимание со својот олабавен однос откако беа спасени и донесени во градот Каламата.
Сите спасени ќе бидат сослушани како дел од прелиминарната истрага за расветлување на причините за трагедијата, соопшти ЕРТ.
Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу го посети подрачјето каде што се наоѓаат спасените мигранти.
Реагирајќи на трагедијата, поранешниот премиер и лидер на партијата Нова демократија, Киријакос Мицотакис, рече дека „инцидентот најдраматично го истакнува фактот дека миграциското прашање останува проблем што бара кохезивна европска политика“ и ги обвини „подлите криминални мрежи што шверцуваат очајни луѓе“.
Лидерот на најголемата опозициска партија СИРИЗА, Алексис Ципрас, рече: „Моментот бара да му дадеме приоритет на човештвото и да застанеме покрај преживеаните од бродоломот, а истовремено да ги интензивираме сите напори за лоцирање на исчезнатите.“
Лидерот на ПАСОК, Никос Андрулакис, повика на поблиска соработка меѓу Европската Унија и Грција за да се спречи повторување на вакви трагични инциденти.
Кабинетот на грчкиот привремен премиер Јоанис Сармас објави тридневна национална жалост за жртвите.