Besar Ademi
13 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, апелираше до сите граѓани на Македонија да го поддржат „овој процес“ на земјата, кој, според него е важен не само за Скопје и Атина, туку и за безбедноста на целиот регион, јавува Anadolu Agency (АА).
Министерот Бушати, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, по состанокот со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на заедничката прес-конференција ѝ честиташе на македонската Влада за постигнувањето на Договорот со Грција, а исто така го издвои албанскиот политички фактор, кој, како што рече, даде посебен придонес.
„Би сакал да ги повикам сите граѓани на Македонија, без разлика на етничката, идеолошката, политичката или културната припадност, да го поддржат овој процес, кој е историски процес, важен не само за Скопје и Атина, туку, исто така важен и во однос на демократската стабилност на нашиот регион и безбедносната ситуација“, рече министерот Бушати.
Бушати, исто така, се осврна и на заедничката средба меѓу Владите на Македонија и на Албанија, истакнувајќи дека тие се подготвуваат за следниот состанок, кој се очекува да се одржи кон крајот на оваа година во Скопје, како и на важноста на еден појасен фокус на развојот на регионите и прекуграничните заедници.
„Постојат заложби на двајцата премиери за заедничко управување со царинските премини, што ќе создаде поголем проток на движење меѓу двете земји. Сакаме фондовите и можностите понудени од страна на проектот за европска интеграција да ги канализираме со енергија што може да дојде од соработката меѓу нашите две влади, особено во процесот на меѓусебната поврзаност“, истакна Бушати.
Во меѓувреме, вицепремиерот Османи посетата на албанскиот министер во Македонија ја оцени како логичен чекор во овие решавачки моменти за државата, поради, како што рече, неговата лична конструктивна улога, но исто така и на Албанија, во овој комплексен процес на изнаоѓање заедничко решение со Грција.
„Потсетувам дека неговата посета тука е охрабрување и мотивација за нас, но и за граѓаните на Македонија, особено за Албанците, во оваа крстосница во која се наоѓаме, каде што мораме да донесеме одлука за нашата иднина и за идните генерации. И навистина го гледам ова како знак на пријателство и блискост меѓу двете земји“, изјави Османи.
Тој, исто така рече дека Македонија и Албанија немаат отворени спорни прашања, туку одлична билатерална соработка, но потсети дека постои голем потенцијал за продлабочување на оваа соработка на политички и на економски план.
Бушати за време на неговата дводневна официјална посета на Република Македонија се сретна со премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери и со неговиот македонски колега Никола Димитров.