Husamedin Gina
30 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
СКОПЈЕ
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров, изјави дека Бугарија може да стави вето на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, истакнувајќи дека никој не може да стави вето на домашната реформска агенда, јавува Агенција Анадолија (АА).
Димитров денеска одржа онлајн прес-конференција на која ја презентира Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (2021-2025) (НПАА).
Тој истакна дека Националната програма ги дефинира стратешките правци, приоритетите, динамиката и потребните ресурси, како и активностите за приспособување на националните институции кон европските административни структури.
Клучната цел на Националната програма, како што посочи Димитров, е да ја исцрта националната траекторија за целосна европеизација или потполно членство во Европската Унија (ЕУ).
Димитров исто така наведе дека во услови на дведецениска неизвесност и постојано исчекување, Националната програма има извонредно важна улога да ја одржи позитивната тензија во процесот без почеток на преговорите.
„Како политичка порака да укажам, една земја членка како Бугарија може да стави вето на почетокот на пристапните преговори, усвојувањето на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција, меѓутоа, никој не може да ни стави вето на домашната реформска агенда. Европеизацијата мора да продолжи“, нагласи Димитров.
Меѓу другото, тој рече дека во координација на Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на Националната програма работат околу 800 државни службеници и околу 150 институции.
На новинарско прашање во врска со изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, во однос на македонскиот јазик, Димитров рече дека нејзината изјава, доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение.
Тој исто така нагласи дека изјавата никако не помага во процесот на градење доверба и заедничко разбирање и дека е прилично несреќна изјава.
Димитров, наведувајќи дека вчера имале голем број на контакти со Лисабон, рече:
„Добивме уверување дека изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон, кој останува на линија на португалскиот предлог. И беше изразено жалење во оваа смисла.“
Министерот исто така додаде дека Северна Македонија во Европа ќе влезе само како земја на Македонци кои зборуваат македонски јазик и дека тоа ќе се брани достоинствено.