Bojana Stojanovic
30 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ЗАГРЕБ (АА) - За Северна Македонија не постои друга алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија, изјави претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката конференција за медиуми со претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ во Загреб, Пендаровски истакна дека двете земји се поврзани не само географски, туку и по јазик, култура, вредности и менталитет.
„Хрватска е еден од нашите најголеми сојузници кој ја поддржува Северна Македонија во нејзините европски интеграции. Искрено сме ѝ благодарни за поддршката која ни ја пружа и во заложбите за заеднички и обединет Балкан тука и низ Европа. За нас не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправното членство во ЕУ“, рече Пендаровски.
Според него, треба да се искористи капиталот кој Хрватска и Северна Македонија го имаат за развивањето на понатамошната соработка, особено во областа на инфраструктурата, науката и туризмот.
Додаде дека секоја држава настојува да пружа безбедност и просперитет на своите граѓани, и дека тоа без соработка меѓу државите би било недоволно.
Тој ја прокоментира и изјавата на државната секретарка за европски работи на Португалија, Ана Паула Закариас, за македонскиот јазик.
„Добра вест е што португалското претседавање е готово, се надевам дека словенечкото претседавање ќе продолжи по ист пат со полно почитување на виталните национални и државни интереси на двете страни, во спротивно не може да се постигне договор“, рече Пендаровски.