Zylfije Adem Jakupi
16 Мај 2022•Ажурирај: 16 Мај 2022
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово ги прошири санкциите кон Русија и Белорусија, што вклучуваат замрзнување на имотот на санкционираните лица, забрана за патување и забрана за транспорт на нивната стока во Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овие санкции, со кои Косово се усогласи со новите санкции на Советот на Европската Унија и САД, беа изгласани на седницата на косовската Влада со која претседаваше вицепремиерот Бесник Бислими во отсуство на премиерот Албин Курти, кој е во посета на САД.
„Санкциите се состојат од замрзнување на средствата во Република Косово на санкционираните лица или субјекти, забрана за патување во Република Косово за санкционираните лица, забрана на поединци и ентитети во Република Косово да ставаат средства достапни директно или индиректно на поединци или санкционирани субјекти“, рече Бислими.
Косовскиот заменик-министер за надворешни работи и дијаспора, Крешник Ахмети, рече дека санкциите се насочени кон зголемување на притисокот врз руската Влада и економија и ограничување на ресурсите на Кремљ за воена агресија против Украина.
Косовската Влада, исто така, воведе санкции за групата Вагнер, неинкорпориран приватен воен субјект со седиште во Русија, за која вицепремиерот Бислими рече дека со своите активности го прекршува меѓународното право.
Косово за прв пат воведе економски и финансиски санкции кон Руската Федерација на 25 февруари годинава, ден откако Русија изврши инвазија на Украина.
Владата се согласи и со предлогот за спроведување меѓународни санкции воведени од Советот на Европската Унија во врска со преземањето рестриктивни мерки кон тероризмот на ДЕАШ и Ал Каеда и физички и правни лица, субјекти или други сродни структури.
Според предлогот на МНР, санкциите против двете прогласени терористички групи, кои дејствуваат во Авганистан и регионот, вклучуваат забрана за патување и замрзнување на имотот на двете организации и на нивните поединци во Косово.