Zylfije Adem Jakupi
19 Ноември 2022•Ажурирај: 20 Ноември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово усвои одлука за распуштање на Собранието на Општината Звечан и Собранието на Општината Лепосавиќ поради нефункционалност, откако претставниците на косовските Срби ги напуштија институциите во четири општини во северниот дел на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На вчера одржаниот електронски состанок усвоена е „одлуката за распуштање на Собранието на Општината Звечан и Собранието на Општината Лепосавиќ, донесена поради нефункционалност и како последица на неможноста за извршување на законските овластувања“, објави Владата на Косово.
Во исто време, Владата го усвои барањето на Централната изборна комисија за доделување буџетски средства во висина од 310.183 евра за одржување вонредни избори за градоначалник во општините во северниот дел на Косово, Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан. Во општините сместени во северниот дел на Косово живее мнозинско српско население.
Вонредните избори за градоначалници се распишани за 18 декември откако досегашните градоначалници од Српската листа поднесоа оставки, во знак на протест поради одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата од српски на РКС-таблички.
Според членот 4 од Законот за локална самоуправа, по распуштањето на собранијата на општините, доколку никој не поднесе жалба до Уставниот суд во рок од 5 дена, вонредните локални избори ги распишува претседателот на Косово најдоцна десет дена по распуштањето. Вонредните избори не можат да се одржат пред 30 дена, ниту подоцна од 45 дена од денот на распуштањето на собранијата на општините.