Admir Fazlagic
03 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија донесе одлука историскиот објект Куршумли ан, кој е лоциран во Старата скопска чаршија, да биде прогласен за културно наследство од особено значење, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа одлука во изјава за АА ја потврди заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците во Северна Македонија, Џабир Доко.
„На денешната владина седница донесена е одлука Куршумли ан да добие статус на културно наследство од особено значење. Со тоа се гарантира дека ова особено важно архитектонско дело ќе биде трајно заштитено, и духовните вредности кои ги носи ќе бидат заштитени, и се гарантира дека вредностите од Османлискиот период ќе се афирмираат“, изјави Доко.
- „Можност за афирмација на вистинските вредности“ -
Заменик-министерот додаде дека „со одлуката уште еднаш се потенцира дека Владата има намера да обезбеди едно општество за сите, во кое сите етнички заедници ќе бидат афирмирани.“
„Се дава можност за афирмација за вистинските вредности на овој простор и секако во согласност со законските одредби ќе можат да се организираат културни активности“, појасни Доко.
- Потенцирање на добрите односи помеѓу Севрерна Македонија и Турција -
Според него, ваквиот владин потег „ги потенцира добрите односи помеѓу Северна Македонија и Република Турција“.
„Република Турција за ваквите вредни архитектонски дела од Османлискиот период дава посебно внимание. Секако тоа е особено значајно за турската заедница во Северна Македонија, бидејќи со ова се покажува дека имаме еден порив за афирмација на историските вредности на турската заедница, а секако тоа е заедничко богатство за сите во нашата земја“, рече Доко.
- Одлука на Владата -
Во соопштението на Владата на Северна Македонија објавено на сајтот на Владата се наведува:
„Со оваа одлука на предлог на Управата за заштита на културното наследство, Куршумли ан, кој е изграден во средината на ХVI век, и кој претставува споменик на културата се овозможува трајно зачувување на Анот во изворна состојба, ширење на вредностите и значењето на Куршумли ан, како и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши, или може да настане оштетување или деградирање на овој културно-историски споменик од архитектонското наследство.“