Admir Fazlagic
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) ‒ Претседателот на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија, Шаќир еф. Фетаху, ги осуди воените напади на Русија врз Украина, истакнувајќи дека со тоа е загрозен мирот не само во регионот туку и во целиот свет, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Исламската верска заедница соопшти дека претседателот на оваа институција, Фетаху, во понеделникот, 28 февруари, придружуван од директорот на Секторот за надворешни односи, Мустафа Даути, остварил официјална средба во седиштето на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, на која биле примени од амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир.
„На оваа средба, реис-ул-улема му се заблагодари на амбасадорот за средбата и топлиот прием, а воедно, во име на Исламската верска заедница изрази голема загриженост за руската агресија врз Украина каде што многу луѓе загинаа, и е причинета огромна штета. Затоа, заедно длабоко ја осудија оваа нечовечка агресија која го загрозува мирот, не само во регионот, туку и во целиот свет. Исто така, првиот човек на ИВЗ го поздрави единството на ЕУ и САД во нивните максимални напори да се запре оваа агресија која го загрозува човечкиот живот“, се вели во соопштението на ИВЗ објавено на социјалните мрежи.
Се додава дека соговорниците се договориле да продолжат со нивниот придонес во запирањето на пандемијата на Ковид-19, како и кон што е можна помасовна вакцинација на населението, што е единствениот начин да се заштити општеството.
„Реис-ул-улема (Фетаху) уште еднаш изјави дека негувањето на мирот во земјата и регионот е приоритет на исламската верска институција ИВЗ, затоа ги замоли верниците и верските претставници да бидат внимателни во изјавите и ставовите кои [можат да] му наштетат на мирот и во исто време да придонесат во оваа насока“, се истакнува во соопштението на ИВЗ.
Потсетуваме, претседателот на Русија, Владимир Путин, на 24 февруари нареди воена интервенција во Украина, неколку дена откако ги призна двете украински енклави кои се под контрола на сепаратистите.