Zülfiya Yakup
19 Ноември 2017•Ажурирај: 20 Ноември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во 19 часот затворени се избирачките места во Косово, на кои се гласаше во вториот круг од локалните избори во 19 од вкупно 38 општини, како и на повторените локални избори во општина Партеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Централната изборна комисија на Косово соопшти дека денес на гласачкитe места во Косово излегле 38,1 отсто од гласачите.
Претседателката на ЦИК, Валдете Дака, на прес-конференцијa истакна дека сите избирачки места се затворени навреме и дека во вториот круг од локалните избори за избор на градоначалници во 18 од 38 општини и на повторните избори во општина Партеш, гласале околу 516.000 од регистрираните околу 1.358.000 гласачи.
„Излезноста на гласачите на изборите изнесува 516. 573 гласачи или 38,1 отсто. Во споредба со првиот круг од локалните избори на 22 октомври, кога во овие општини излезноста изнесуваше 43,7 отсто од гласачите“, рече Дака.
Таа оцени дека гласањето поминало мирно и без нерегуларности кои би го загрозиле интегритетот на овие избори.
Се гласаше во 614 гласачки центри на 1.777 избирачки места. Право на глас имаа 1.350.613 граѓани на Косово, што е околу 70 отсто од вкупното бирачко тело во Косово.
Вториот круг се одржа во речиси сите поголеми косовски општини, освен во Пеќ, каде што градоначалникот беше добиен во првиот круг. Вториот круг се одржа во Приштина, Призрен, Јужна Митровица, Гњилане, Ѓаковица, Подуево, Драгаш, Исток, Качаник, Клина, Каменица, Обилиќ, Ораховац,Штимље, Сува Река, Урошевац, Вучитрн, Малишева и Клокот.
Локалните избори беа повторени во Партеш, општина со мнозинско српско население, поради констатирани нерегуларности во првиот круг од изборите на 22 октомври.
Изборите ги набљудуваа над 12.000 набљудувачи, меѓу кои и набљудувачи од Изборната набљудувачка мисија на ЕУ.