Dzihat Aliju
07 Јули 2021•Ажурирај: 08 Јули 2021
ОХРИД (АА) - Свечено е отворен „Меѓународниот летен извиднички камп“ што по 11-ти пат се организира во Охрид, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со поддршка на Турската агенција за меѓународна соработка и развој (ТИКА), на свеченото отворање на летниот камп организиран од Федерацијата на извидници на Турција и Здружението „Калкан“ (Штит) учествуваа Халим Омер Согут, координатор на ТИКА - Скопје, Хасан Динчер Субаши, претседател на Федерацијата на извидници на Турција, Хусрев Емин, претседател на Сојузот на Tурските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), како и претставници на турските институции и организации во земјата и стотици извидници од Турција и балканските земји.
Согут, координаторот на ТИКА - Скопје, во своето обраќање рече дека досега, како институција, имаат спроведено голем број проекти наменети директно за деца и младите, со цел на младите да им се понуди подобра иднина.
Потсетувајќи дека изградиле бројни училишни згради, организирале конференции и слични активности со цел подобрување на условите во образованието, кои директно ги засегаат децата и младите во Северна Македонија. „Децата и младите отсекогаш биле во преден план во нашите проекти во здравството. Проектите и студиите што ги поддржуваме се најважни обележја на тоа. Всушност, нашиот Меѓународен камп за извидници, што го отворивме денес, е исто така показател за вредноста и важноста што ви ја придаваме вам, нашите скапоцени млади луѓе“, рече Согут.
Тој нагласи дека извидничкиот камп во организација на Турската извидничка федерација и Извидничкиот клуб „Калкан“ се спроведува повеќе од 10 години во Северна Македонија, и додаде дека теоретски и практични обуки им се понудени на околу 400 извидници кои доаѓаат од Турција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, регионот Санџак, Косово и Северна Македонија.
Претседателот на турската Федерација на извидници, Динчер Субаши, рече дека стрелата што оди најдалеку излетува од лакот кој најмногу се растегнува: „Посакувам процесот на пандемијата кој многу нè затегна, најдалеку да ја исфрли стрелата која цели кон единство и солидарност. Се надевам дека нашето единство и солидарност на овие простори ќе продолжи, растејќи во нашите срца заедно со нашите прекрасни браќа и сестри. Ќе организираме голем број активности насекаде и Алах ќе ја протера оваа пандемија.“
Џенгиз Дестан, претседател на Здружението „Калкан“, изјави дека возбудата оваа година е малку поинаква поради прекинот до кој дојде поради пандемијата.
Наведувајќи дека во кампот учествуваат извидници од различни земји, Џенгиз рече: „Многу сме среќни што гледаме дека пандемијата не претставува пречка и дека можеме да се сретнеме дури и во време на пандемија.“
Извидничкиот клуб „Калкан“ и Здружението „Калкан“ им доделија плакети на институциите и организациите кои го поддржаа 11-от Меѓународниот летен извиднички камп, меѓу кои и на Агенцијата Анадолија (АА).
Кампот завршува во петок, 9 јули.