Furkan Abdula
26 Август 2021•Ажурирај: 27 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија бројот на аплицирани дози вакцини против новиот вид коронавирус (Ковид-19) надмина 1.200.000, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за здравство на Северна Македонија се наведува дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 695.525 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 9.123 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.303 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.207.515 дози вакцини, а ревакцинирани се 511.989 граѓани“, се вели во соопштението.
„Со последните бројки 70 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 69 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 65 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 56 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се истакнува во ова соопштение.
Се нагласува дека граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата.
Како што се наведува во соопштението, процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба, додека децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
„Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од неа“, се додава во соопштението на Министерството.