Admir Fazlagic
28 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на претставници на Владата на Република Северна Македонија, пратеници од Собранието, претставници на извршната власт, гости од регионот и од земјата, со свечена академија во Скопје е одбележан 28 септември - Денот на Бошњаците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски во своето обраќање пред присутните на свечената академија истакна дека „денес Бошњаците се интегрирани во сите институции и општествени процеси: културата, спортот, уметноста, развојот на бизнис климата.“
„Преку поставеноста кон политики што водат напред, имате значајна улога и во историските постигнувања: членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија“, истакна Ковачевски.
„Граѓаните Бошњаци, како рамноправен народ во Република Северна Македонија, се вткаени во нашата заедничка мултиетничка и мултикултурна држава и се дел од сите прогресивни процеси низ коишто правиме пат на нашето заедничко подобро денес, во нашето заедничко уште подобро утре“, додаде тој.
Емилија Реџепи, вицепремиерката на Косово задолжена за заедниците и човековите права, во своето обраќање во името на Владата на Косово го честита Денот на Бошњаците во Северна Македонија и се заблагодари што има можност да присуствува на денешниот собир.
„Ние сме единствените на Балканот кои секогаш мораме да се правдаме и да говориме секому да говориме кои сме, што сме, од каде сме, зошто сме, какви сме… Дојде време на некоја модерна политика, на некое поинакво општество, на некоја граѓанска опција, каде ние повеќе не сакаме да се правдаме и да убедуваме некого за тоа кои сме, што сме, од каде сме и какви сме… Туку, со својата работа, својата енергија, со својот морал, со својот карактер покажуваме дека многу, многу повеќе вредиме отколку што некој друг за нас мисли“, истакна вицепремиерката Реџепи.
Претседателот на Бошњачкиот национален совет (БНС) во Северна Македонија, Џевад Хот, во име на организаторот ги поздрави присутните. Тој се осврна на историскиот континуитет на Бошњаците.
„БНВ работи на тоа да ги освестува народот на Бошњаците во Северна Македонија на својот идентитет, на својата култура, на своето наследство. Еден од многуте проекти кои би сакале да ги направиме е изградба на Бошњачки културен центар“, истакна Хот.
Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), Мунир Колашинац, рече дека денес Бошњаците одбележуваат празник значаен за нивната историја како народ.
„Со вечерашниот собир одбележуваме историскиот национален бошњачки празник 28 септември - Ден кога Бошњаците одлучно и храбро на заседавањето на првиот себошњачки сабор на 28 септември во 1993 година, во тешки околности, усвоија Декларација за враќање на историското национално име Бошњак, наместо тогашниот назив Муслиман“, истакна Колашинац.
По обраќањата следуваше културно-уметничка програма во рамките на која настапи културно-уметничко друштво од Рожаје, Црна Гора, културно-уметничкото друштво „Љиљан“ од Скопје, како и солистката Мубера Шкријељ од Нови Пазар.
Со измените на Законот за празници на Северна Македонија, на 8. февруари 2007 година во Собранието, 28 септември (Денот кога на Бошњачкиот сабор во Сараево 1993 година е вратено националното име Бошњак) е прогласен за Ден на Бошњаците во земјата.