Abdula Berisha
07 Јуни 2019•Ажурирај: 08 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) – Преку трибина организирана со релевантните институции, Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија го одбележа Светскиот ден на безбедна храна, јавува Anadolu Agency (AA).
Зоран Атанасов, директор на Агенцијата, рече дека на трибината организирана во форма на дебата присуствуваат сите чинители кои се дел од интегрираниот систем за безбедност на храната, каде што освен државните институции, учествуваат и невладините организации и организациите на потрошувачите.
„Денеска на трибината се дебатираше за воспоставување одржлив и доверлив систем за безбедност на храната, а цел на самата трибина е учењето на лекциите од грешките во минатото што сме ги направиле, воспоставување подобра комуникација со сите чинители во системот за безбедност на храната“, рече Атанасов, додавајќи дека се дискутирало и за воведување на нови технологии.
Тој истакна дека оваа година, Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на Програмата за мониторинг на сигурноста на храната во Северна Македонија има извршено околу 50 илјади контроли, при што се утврдени неколку недостатоци, а се поднесени и две кривични пријави за загрозување на здравјето на луѓето преку пуштање во промет на небезбедна храна.
Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачите рече дека работат на информирање и едукација на потрошувачите за да се подигне нивната свест за да, како што истакна таа, потрошувачите бидат „набљудувачко око“ за неправилностите кои можеби поминале незабележани од институциите.
„Ние како Организација на потрошувачи сметаме дека потрошувачите имаат право да имаат безбедни производи таму каде што ги купуваат, значи доколку се купуваат на соодветно место. Ја следиме состојбата постојано ситуацијата, имаме, можам да кажам, од година во година намален број на приговори на потрошувачи во делот на исхраната“, рече Тасевска.
Организацијата на Обединетите нации во декември минатата година преку резолуција го прогласи 7 јуни за Светски ден на безбедна храна.