Adel Omeragic
07 Јуни 2019•Ажурирај: 08 Јуни 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Во заедничката полициска операција на државите од регионот, која е спроведена во период од 24 мај до 6 јуни на граничниот дел меѓу Црна Гора и Албанија, спречен е незаконски премин на границата на 92 лица, а во истиот период се запленети 333 килограми сканк, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Подгорица денес се претставени резултатите на регионалната полициска акција под назив „Тузи II и Сукобин I“.
Иако во фокусот на оваа акција беа незаконските миграции, полицијата заплени поголема количина дрога, а спречен е и транспортот на фалсификувани возила.
Во операцијата освен припадниците на црногорската полиција учествуваа и полицајци од Северна Македонија, Албанија, Австрија, БиХ, Бугарија, Молдавија, Србија, Словенија, како и припадниците на ЕВРОПОЛ.
„Операциите беа насочени кон сузбивање на миграциите. Тие претходно беа многу грижливо планирани. Тие се реализирани на граничниот дел меѓу Црна Гора и Албанија. Операцијата е потполно успешна“, изјави Војислав Драговиќ, началникот на Одделот за надзор на државните граници во Секторот на граничната полиција на Управата на полицијата на Црна Гора.
Велибор Вучиниќ, виш полициски инспектор во Одделот за надзор на државната граница на Управата на полицијата на Црна Гора, изјави дека во таа операција учествувале 93 полициски службеници кои спречувале незаконски миграции и други облици на меѓународен криминал.
„Деведесет и две лица се спречени во незаконскиот премин на границата. Имавме и 79 лица кои се откажале од преминот на границата. Исто така, имавме и кривично дело со криумчарење на луѓето. Запленети се 258 килограми сканк во водите меѓу двете држави и уапсени се четири лица. На копно се запленети 75 килограми сканк. За време на операцијата имаше и фалсификување на шасија на автомобил BMW, а исто така е процесуирано едно лице кое имало фалсификувана американска сообраќајна дозвола“, објасни Вучиниќ.
Директорот на Програмата за безбедност на регионот (DCAF), Антон Травнер, истакна дека заедничките операции имаат повеќе цели, пред сè разменуваат искуства:
„Полицајците од различни земји донесуваат искуства од своите земји. Исто така, тука е важна и меѓусебната доверба. Пораката до пошироката јавност е полициите во регионот да можат да работат заедно, и да работат заедно“.