Kemal Zorlak
07 Јуни 2019•Ажурирај: 08 Јуни 2019
САРАЕВО (АА) - На планината Игман, меѓу локациите на Голо Брдо и Локвица, денес е продолжена ексхумацијата на жртвите од гробницата која е откриена во средата. Според информациите од Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, во гробницата досега се пронајдени тела на најмалку осум жртви, а се претпоставува дека во гробницата има вкупно 12, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, Емза Фазлиќ, за АА изјави дека досега се пронајдени тела на најмалку осум лица, и дека станува збор за примарна гробница со комплетни тела на бошњачките жртви.
Се претпоставува дека во гробницата се наоѓаат тела на уште најмалку четири лица, значи станува збор за вкупно 12 цивилни жртви од војната.
„Зборуваме за 12 лица кои од подрачјето на Долни Хаџиќи се обиделе да преминат преку Игман на слободната територија, каде што се пречекани и ликвидирани“, истакна Фазлиќ, додавајќи дека во близина на местата на гробницата се пронајдени чаури, што беше индиција дека на овој локалитет се наоѓа гробница.
Таа нагласи дека се очекува работењето на ескхумацијата ќе биде завршено до крајот на денот, кога би требало да биде познат конечниот број на жртвите од оваа гробница.
Фазлиќ, исто така, додаде дека во гробницата се пронајдени и лични предмети, делови на облека, како и прибор за хигиена.
Според нејзините зборови, иако се пронајдени и некои материјални докази, сè уште е невозможно да се зборува за идентитетот на жртвите, со оглед дека повеќе групи во споменатиот период се обиделе преку Игман да пребегнат на слободната територија.
„Идентитетот ќе биде утврден со ДНК-анализа“, порача Фазлиќ.
По ексхумацијата, посмртните останки ќе бидат предадени на понатамошна судско-медицинска обработка, анализа и утврдување на идентитетот преку ДНК-примерок.
Според иницијалните информации, се претпоставува дека се работи за жртви од бошњачка етничка припадност, од подрачјата на местото Долни Хаџиќи, кои исчезнаа во летото 1992 година, а по кои се трага подолг временски период.