Husamedin Gina
05 Април 2022•Ажурирај: 06 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, истакна дека Северна Македонија е дел од западнобалканската рута што мигрантите од зоните на вооружените конфликти, како што се Блискиот Исток, Азија, Северна Африка, сега и од Украина, ја користат за да стигнат до нивната крајна дестинација, односно до земјите членки на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и директорот на МАРРИ Регионалниот Центар, Сашко Коцев, денес имаа обраќања на дипломатскиот брифинг на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ, што традиционално се организира со цел презентирање на реализираните активности, како и претставување на плановите за развој на Иницијативата.
Министерот Спасовски во своето обраќање, истакнувајќи дека денешниот настан е прераснат во традиција и дека станува обележје на Регионалниот центар со седиште во Скопје, рече дека исто така овозможува промоција на регионалната иницијатива пред дипломатскиот кор во Северна Македонија, меѓународните организации и граѓанското општество.
„Миграцијата е една од најстарите феномени кои човековата историја ги познава. Во основа најчести фактори кои иницираат миграција е барање на подобри природни ресурси за живеење, големи природни непогоди, но не треба да се занемари уште еден значаен фактор, а тоа е бегање од катастрофи предизвикани од самите луѓе“, нагласи министерот Спасовски.
Министерот Спасовски исто така нагласи дека Северна Македонија, како и останатите МАРРИ-учеснички се дел од западнобалканската рута што мигрантите од зоните на вооружените конфликти од Блискиот Исток, Азија, Северна Африка, сега и од Украина, ги користат за да стигнат до нивната крајна дестинација, односно до земјите членки на ЕУ.
„Оваа рута поради пристапноста на теренот секогаш се користи од мигранти кои се движат пред сè од југ кон север, а граничната полиција успешно се справува преку превенирање и навремени интервенции“, додаде Спасовски.
Во првите 2 месеци од 2020 година, како што истакна министерот, забележан е тренд на намалување за 27 проценти на обидите за илегални преминувања во Северна Македонија и спречени се вкупно 1.439 обиди за илегални преминувања, најмногу на границата со Грција, дури 77 отсто (или 1.119 обиди).
Во однос на земјите на потекло на спречените мигранти доминира Пакистан со 351 мигрант, потоа следуваат Сирија со 236 и Индија со 211 мигранти.
Директорот на МАРРИ Регионалниот Центар, Сашко Коцев, осврнувајќи се на историјата и реализираните активности на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ рече дека активностите на МАРРИ се сто отсто усогласени со политиките на шесте учесници на програмата за миграции, а тоа се Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Србија.