Dzihat Aliju
01 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) вечерва во Скопје се одржа комеморативна програма по повод 74 години од егзекуцијата на четворицата членови на движењето Јуџел, едни од пионерите на борбата на Турците кои живеат во Северна Македонија за заштита на своите обичаи, религија и јазик од комунистичкиот режим во периодот на поранешна Југославија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред почетокот на програмата каранфили беа оставени пред споменикот на членовите на движењето поставен минатата година во основното училиште „Тефејуз“, а Мустафа Местен, советник за верски прашања при турската Амбасада во Скопје изучи молитва.
Потоа беше прикажан документарниот филм „Јуџелџии“ во режија на Емин Демирел.

Во изјавата дадена пред почетокот на програмата, претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, рече дека во последните години тие продолжуваат да организираат програми особено во Скопје со цел да се разбере и објасни движењето Јуџел, особено новата генерација.
Потсетувајќи дека покрај четворицата егзекутирани членови, во рамките на движењето Јуџел имало десетици Турци кои биле во затвор и во егзил, Емин рече дека емигрирале стотици илјади Турци.
Наведувајќи дека се напишани книги од истражувачи на оваа тема, Емин рече: „Се надеваме дека во наредниот период ќе обезбедиме да се врати политичкото или државното достоинство на Јуџелџиите. Нашата цел во наредниот период ќе биде да го најдеме местото каде што се погубени, а откако ќе го лоцираме местото да подигнеме споменик.“
Мурат Казанџи, раководителот на Одделот за културни и општествени односи на Дирекцијата за дијаспора и сродни заедници на Република Турција (YTB), исто така, истакна дека организацијата Јуџел е едно од симболичните движења на Турците на Балканот, и дека тоа не е само политичко, социјално, туку и интелектуално и културно повеќеслојно движење.
Наведувајќи дека ефектите од движењето Јуџел продолжиле многу долго, со постигнант значителен успех за многу кратко време, Казанџи рече: „Денес, кога ќе погледнеме, причините за настаните кои ја сочинуваат основата за достигнувањата на Турците во Северна Македонија може да се припишат на организацијата Јуџел. Се разбира, на Балканот имаше многу луѓе кои вложуваа напори.“
Посочувајќи дека движењето Јуџел е важна пресвртница кога станува збор за Турците на Балканот, Казанџи истакна дека со текот на времето многу непознати точки за Јуџелџиите излегле на виделина.
- Движењето Јуџел -
Турците коишто живееја во Македонија во 1937 година почнаа да се обединуваат со цел да ги сочуваат националните и духовните вредности, своите обичаи и традицијата.
Во 1945 година на движењето му беше дадено името „Јуџел“. За претседател беше назначен Шуајб Азиз Ефенди, кој се школувал во скопската медреса „Атаулах Ефенди“, а студиите ги продолжил на Универзитетот „Ал Азхар“ во Египет, каде што студирал во областа на верското право, мистицизмот и филозофијата на западниот свет.
Во рамките на напорите на поранешна Југославија за елиминирање на сите национални организации, во август 1947 година беа приведени 17 лица, за кои започна судски процес.
На 25 јануари 1948 година судот на смртна казна осуди четворица членови на движењето Јуџел, Шуајб Азиз, Адем Али, Али Абдурахман и Назми Омер, кои беа стрелани на 27 февруари истата година. Останатите притворени членови на Јуџел беа осудени на тешки затворски казни.