Admir Fazlagic
29 Ноември 2019•Ажурирај: 02 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Стотици граѓани од повеќе градови од Северна Македонија организирани од триесеттина граѓански и еколошки здруженија вечерва во Скопје излегоа на „Маршот за чист воздух“ со што се приклучија кон денешните протести на глобалното движење против климатските промени, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Здравјето пред профитот“, „Сакаме чист воздух", „Ќе дишеме или ќе издишеме", „Нема воздух - нема мир", беа само дел од паролите напишани на транспарентите на учесниците на „Маршот за чист воздух, со кои граѓаните и еколошките здруженија сакаа да укажат на како што велат, 3.500 смртни случаи во земјата годишно поврзани со загадувањето на воздухот, но исто така и пораст на тешки канцерогени заболувања.
Организаторите на маршот бараат од надлежните институции конкретни активности со кои ќе се реши проблемот со загадениот воздух не само во Скопје туку и во другите градови ширум земјата. Освен проблемот со загадениот воздух, собраните граѓани порачаа дека не смее да се занемарат и другите проблеми поврзани со животната средина, меѓу кои ги наведоа загадените почви и рудниците, за кои истакнаа дека се штетни за здравјето на луѓето.
„Имаме две опции: да седиме дома и да се угушиме или да се сплотиме и да излеземе на улица“, рече средношколката Јана која се обрати пред присутните од говорницата поставена пред Владата на Северна Македонија.
„Маршот за чист воздух" започна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжи кон Собранието и заврши пред Владата, со порака дека граѓаните ќе се соберат на протест и наредниот петок и нема да се откажат од своите барања за како што истакнаа „чист воздух, чиста животна средина и здраво општество".
Претходно денеска, во пресрет на маршот, преку писмено соопштение се огласи и Владата на Северна Македонија во кое истакна дека „Владата целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации предизвикана од загадувањето на воздухот, и ја споделува загриженоста".
Владата ги покани на 2 декември на средба претставниците на еко иницијативите, при што, како што се наведува во соопштението „внимателно ќе ги слушне и ќе ги прифати сите аргументирани сугестии на граѓанските организации вклучени во Марш за чист воздух“.