Admir Fazlagikj
11 Август 2020•Ажурирај: 13 Август 2020
СКОПЈЕ
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Мотоциклистичката федерација и Црвен крст – Скопје организираа јавен настан – мотодефиле и симулациона вежба на сообраќајна незгода со повреден мотоциклист, со цел подигање на свеста за поголема безбедност на мотоциклистите во сообраќајот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП во изјава за медиумте рече дека денеска се одржуваат два настани, дефиле на мотоциклистите и симулациона вежба, кои имаат за цел да укажат на важноста на безбедноста во сообраќајот, во контекст на почитување на правилата во сообраќајот и да упатат апел до мотоциклистите да ја носат потребната заштитна опрема при учество во сообраќајот.
„Во тек е летна кампања чие мото е „Вози безбедно, стигни навреме“. Имавме голем број сообраќајни незгоди во сообраќајните месеци и заради тоа акцент им дадовме на оваа ситуација на моторите бидејќи во претходните месеци за жал загинаа многу млади лица и тоа управувајќи со мотоцикл. Бројот на сообраќајните незгоди за оваа година официјално го немаме, но бројот на загинати лица, неофицијално, е помал во однос на минатата година. За жал бројот на загинати мотоциклисти е поголем во однос на претходната година. Заради тоа направивме дефиле аплирајќи возачите да внимаваат кога управуваат со возило”, рече Кожуваровска.
Ленин Јовановски од Мотоциклистичка федерација рече дека тие се тука да помогнат во кампањата за зголемување на безбедноста на сообраќајот. Со денешното дефиле, сакаат да обрнат внимание на нивното присуство во сообраќајот. Според него, ваквите кампањи се неопходни, бидејќи, како што вели, очигледно е недоволна едукацијата на возачите за време на обука. Јовановски истакна дека е потребно да се посвети повеќе внимание на мотоциклистите, затоа што, како ранлива категорија се многу подложни на фатални последици дури и од помали и повообичаени сообраќајни незгоди.
„Македонија не заостанува многу во статистиките со другите држави бидејќи ние сме како малцинска група учесници во сообраќајот, бидејќи се движиме некаде од 2 до 3 отсто од вкупниот број други возила во сообраќајот. Често сме жртви на непочитување на сообраќајните правила. Од друга страна, генерално, секаде во светот, сообраќајната инфраструктура не ги зема в предвид мотоциклистите како учеснцици па често пати таа собраќајна структура е причина и за фатални последици од сообраќајните незгоди што се случуваат”, рече Јовановски.
Тој додаде дека се надева оти надлежните институции кои се поврзани со сообраќајот и неговата безбедност ќе се потрдудат да помогнат во понатамошно подобрување на состојбите.